АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Изложбениот салон на ДЛУБ отворена е изложбата на сликарот Владимир Младеноски
-Синоќа изложбениот салон на Длуб се претвори во музеј во кој е претставен само еден мал дел од долгогодишниот труд на уметникот Владимир Младеноски, можеби еден од последните припадници на таа генерација уметници-основоположници на модерното во македонската уметност. Во овие дела гледаме како се испреплетува цела една историја и мисла за сликарството од светски размери, но која се одвива во рамките на местото каде што живее уметникот. Овде се допираат идеите на социјалниот реализам со колоритниот фовизам, француската со италијанската школа; овде се среќава Веронезе со Вермер, универзалното со секојдневното и сето тоа како синтеза во подгорјето на Јабланица. Владимир во овие над 50 години творештво останува доследен на својот стил и учење и како имун на современите текови скромно ни укажува каде и како да ги бараме новитетите во творештво. Секоја негова слика е расказ на едно секојдневие кое со тек на времето се менува и исчезнува пред неговите очи. Ние никогаш нема да ја доживееме природата и околината околу нас со истата автентичност како и нашите предци. Ова поминување на индивидуалната, а со тоа и на општата историја на еден народ е карактеризирано во неговиот растреперен начин на работа. Владимир, неуморно и интензивно работи да го долови и сочува овој tempus fugit, овој неповратен и неповторлив момент. Должност е на културните институции да обрнат внимание на овие подзаборавени уметници кои тивко и скромно работат во своите ателјеа и да им го доделат заслуженото место во редовите на македонската уметност...“ изјави Васко Ѓоргиев
претседател на ДЛУБ.
На изложбата се претставени триесетина дела во техника масло на платно, со традиционална сликарска тематика: фигура, пејсаж, мртва природа; реализирани во периодот од осумдесетите години од претходниот век до денес. Изложбата ќе биде отворена за јавноста во периоди од 10:00 до 13:00 и од 16:00 до 19:00 часот.
Изложба на триесетина дела од над 50 годишното творештво на уметникот Владимир Младеноски во изложбенит салон на Друштвото на ликовни уметници Битола.
„Сликите треба да бидат едноставни, да може секој да пронајде во нив дел од себе и од своето окружување. “ – Владимир Младеноски
Владимир Младеноски е роден на 14.10.1945 година во с.Подгорци, Струшко. Учителска школа завршил во Охрид во 1964 г., а Педагошка академија во 1966 во Скопје во класата на Вангел Коџоман. Како студент, со својот професор В. Коџоман, престојува во Венеција, Италија во 1968 г. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ, ДЛПМ, СУЛЈ. Наградите што ги добива за учество на културните манифестации и детските ликовни колонии зборуваат за ликовен педагог кој на многу генерации им помогна и ги насочи како талент.