2win800x200

Остра реакција на Васка Младеновска, новинар и ќерка на Менде Младеновски за недоделената посхумна награда за животно дело

Октомври 30, 2024

Остра реакција на Васка Младеновска, новинар и ќерка на Менде Младеновски, доајен на битолското и македонското новинарство.

Реакција ви ја пренесуваме интегрално 

 

Битола најмалку што можеше да направи и на најубав начин постхумно да му се оддолжи на татко ми Менде Младеновски беше со наградата за животно дело „4 Ноември“.  Крајно резигнирана и во голем шок и неверување сум што денеска, постхумно не му беше доделена наградата за животно дело „4 Ноември“ на мојот татко, доајен на битолското и македонското новинарство, Менде Младеновски кој за наградата беше предложен од Здружението на новинарите на Македонија ЗНМ. Татко ми беше најзаслужен за опстојувањето на „Битолски весник“ и одбележувањето на дијамантскиот јубилеј 60 години од излегувањето на првиот број, што спектакуларно беше прославен во април годинава.

„Битолски весник“ 6 децении без ниту една недела прекин беше во рацете на битолчани, вистински сведок и хроничар на Битола и единствениот локален медиум што опстои толку децении во медиумскиот простор. Со наградата за животно дело во најмала рака Битола ќе му се оддолжеше на најубав начин за неговиот огромен придонес и влог во општествениот и јавниот живот на градот. А, тоа, лично за мене и за нашето семејство ќе беше утеха во овие тешки моменти откако прерано не напушти и не остави во голема тага.

Јас лично, сакав да му ја однесам наградата на неговото вечно почивалиште кое во овие тажни два месеци ми е утеха и секојдневно го посетувам.

Голема благодарност до советниците кои гласаа и дадоа поддршка да му се додели наградата на татко ми: Бојан Бојкоски, Марко Јосифовски и Соња Петреска, а за останатите немам коментар оти ниту тоа го заслужуваат. Но, кога во нивните домови ќе си ги видат наградите од „Битолски весник“, нека се сетат како му возвратија денес со нивното срамно гласање за татко ми, чија величина му е добро позната не само на Битола, Македонија туку и пошироко на Балканот. Повеќе немам што да додадам туку целокупната битолска и македонска јавност нека ја прочитаат биографијата на новинарот Менде Младеновски и нека проценат дали постхумно ја заслужи Четврто ноемвриската награда за животно дело.

 

Васка Младеновска- новинар 

 

             Менде Младеновски е роден на 28 март 1955 година во Битола. Средно училиште заврши во Гимназијата Јосип Броз - Тито во Битола. Студираше на Универзитетот Свети Кирил и Методиј на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата југословенска книжевност, каде дипломираше во 1980 година. Иако по вокација професор по југословенска книжевност, целиот животен и работен век му го посвети на новинарството и уште од најмладите години се занимаваше со новинарството. Едноставно живееше за новинарството.       

            Својот прв новинарски текст во Битолски весник го објавил во 1971 година, а од 1981 година е професионално вработен како новинар во Битолски весник. Во својата богата и импозантна новинарска кариера соработувал со голем број редакции од Република Македонија, работеше за бројни редакции од поранешна Југославија и странство. Со новинарството почна да се занимава уште како студент во Студентски збор, а соработуваше и во младинската емисија на Радио Битола.                  
Менде Младеновски до распаѓањето на Југославија беше дописник од Битола за најпознатиот, најстариот и највлијателниот дневен весник во Југославија и на Балканот Политика од Белград, на Радио Политика, на спортскиот весник Журнал од Белград, најпознатиот неделен магазин во Југославија Илустрована политика, беше дописник за најпознатиот спортски весник во Југославија Темпо, дописник на Спортске новости и Вечерњи лист од Загреб, дописник за сараевските весници УНА, САН и СОС, Новости, НИН, дописник на Македонското радио, Радио Скопје, на неделниците Пулс, Скок, беше новинар и за најпознатиот неделник во Македонија Фокус, за дневниот весник Дневник, неделникот Публика, беше основач, сопственик и уредник на радиото Македонски глас во Њујорк, дописник на радиото Македонски радио час во Њујорк, основач и сопственик на првата приватна радиостаница во Битола Радио 2М, а подоцна Радио Б-97, го формираше и Радио Бит-прес како дел од Битолски весник, а последните години се до смртта беше и дописник на најстариот дневен весник во државата Нова Македонија. Беше специјален дописник за Скок и Битолски весник од Светското првенство во фудбал во САД - 1994 и Олимпијадата во Атланта, САД, во 1996 година.                         

                Менде Младеновски пишувал речиси во сите македонски и југословенски весници, пишувал во сите новинарски жанрови и области, од истражувачкото новинарство открил голем број афери, преку политика, економија, култура, образование, спортско новинарство, направил безброј репортажи, интервјуа со голем број познати личности од политичкиот, културниот и општествениот живот, беше колумнист и критичар на општествено-политичките состојби, радиоводител, публицист.                                                

Покрај безброј новинарски текстови кои ги објавил во печатените локални и национални медиуми, автор е и на неколку монографии, публикации, авторски книги, проекти, документарни филмови и радиопроекти.                                   

Објави повеќе книги од едицијата на книги Поводи и погледи, книгата Поводи, Од мој агол, Во мое име, Во прво лице, книгата за Ајри Демировски. Битолски весник беше издавач и на многу книги, монографии, публикации… Идеен творец, организатор и реализатор е на манифестацијата Избираме најуспешни битолчани, од 1998 година, преку која тој и Битолски весник ги наградуваа и го вреднуваа трудот и постигањата на најуспешните битолчани кои творат, создаваат и ја промовираат Битола во разни области.  Битолски весник заедно со семејството Петревски, ја воведе и наградата за новинарство Тоде Петревски во чест на новинарот на Македонското Радио, Радио Скопје, Тоде Петревски, организираше избори на летна и зимска убавица на Битола, избор на најубаво уредени дворни површини во Битола, организатор беше на бројни наградни игри во кои доделуваше возила како главна награда, спортски манифестации, турнири и бројни други манифестации и настани, свечени академии, јубилеи, беше промотор и издавач на книги, публикации, монографии, стопанственик, општествен работник, хуманист, организатор на бројни хуманитарни акции за помош и лекување на наши сограѓани во странство. Беше иницијатор за прогласување на Ајри Демировски, авторот на песната Битола мој роден крај за прв почесен граѓанин на Битола и во негова чест ја водеде наградата Ајри Демировски. Еден период беше и лидер на штедачите на штедилницата ТАТ.        Иако последните неколку години беше пензионер,  Менде Младеновски, неу-морно 24/7 работеше до последниот ден, како новинар, главен и одговорен уредник на Битолски весник, дописник на Нова Македонија и секое утро водител на утринска емисија на Радио Б 97 и интернет-телевизијата Б-97, како и порталот битолскивесник.мк, и менаџер.                                                                                                         
 
 Од 1993 година е избран со тајно гласање од страна на колективот на Битолски весник, на позицијата директор, главен и одговорен уредник на Битолски весник, позиција на која беше повеќе од 30 години се до својата смрт.         
Добитник е на повеќе награди и признанија во областа на новинарството, меѓу кои во два наврати највисокото признание на Општина Битола, Наградата 4 Ноември во 2004 година и во 2014 година, наградата што ја доделува редакцијата на дневниот весник Дневник, Менде Петковски за најдобар дописник во 2014, наградата за истражувашко новинарство, признание од Здружението на новинари на Македонија за огромен придонес за новинарството во 2022 година, која му ја врачи претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

            Менде Младеновски покрај тоа што беше истакнат новинар и дописник на бројни редакции, најмногу беше посветен на Битолски весник. Неговата животна девиза беше дека Битолски весник е македонскиот пиреј и дека ќе опстане по секоја цена, колку некој да сака да го уништи, покори или присвои, Весникот ќе опстане и опстои и ќе биде весник на Битола и битолчани. И остана доследен на тоа буквално до последниот здив. Оваа 2024 година во април Битолски весник одбележа дијамантски јубилеј 60 години постоење под мотото Традицијата зборува за нас и ја негуваше традицијата се до последниот ден.     
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани