2win800x200

Досие против заборавот (Пишува Даниела Петровска)

Октомври 14, 2024

Автор на колумната професор м-р Даниела Петровска

 

 

            Компаративната книжевност ја развива имагологијата како своја поддисциплина која го актуализира прашањето за Другоста, во прво време само од книжевен аспект.  Со оглед на фактот што навлегува во социолошки проблеми за доминација на општествените групи, за создавањето елитистички идеи дека во човештвото постои стратификација според расата и полот, според религијата и етничката припадност на луѓето, каде едни имаат примат, а други се презрени, оваа дисциплина ја допира и сферата на политикологијата и на онтологијата на медиумите кои несомнено, во современиот геополитички, биополитички, епистемолошки и етничкорелигиски дискурс имаат пресудна улога во создавањето на јавното мислење.

            На балканскиот хронотоп, имагологијата станува особено актуелна во деведесеттите години на 20 век кога Балканот, па и светот, го потресе распадот на една од најсилните воено-политички држави во светот, СФРЈ.  Бугарката Марија Тодорова го развива поимот балканизам како поим кој подразбира различност на народите од овој простор со другите европски народи и вели дека тоа е време кога се создаваат негативни стереотипи за народите на Балканот поради нивната наводна варварска недозреаност, или подобро речено, балканска недооденост (забелешката е моја).

            Излегувајќи од полето на книжевната критика, имагологијата се збогатува со политичко-историските, антрополошко-филозофските и медиумско-когнитивните анализи за Другоста како феномен што проектира визија дека светот отсекогаш бил поле за борба на дијалектичките спротивности, без оглед на времето и просторот.  Но кога станува збор за Балканот, особено за поранешната СФРЈ, тогаш прашањето за Другоста станува и болно и трагично, и реално и невистинито, дихотомично и антиномично, теистичко и антитеистичко. Дијалогичен свет во кој континуирано се случуваат општествени промени, терористички акции, свет кој доживува универзализација на транзицијата, обоен со привидот продуциран од медиумите во кој многу е важно да се акцентираат глобалните спектакли поврзани со сликата за светот како простор во кој се случува постојана закана за поединецот и за колективот (пандемии, земјотреси, урагани, воени пучови, смени на влади).

Овие анализи најмногу се базираат на сознанијата што јавноста ги креира преку влијанието на медиумите, светски и домашни, кои со својата објективност или необјективност, преку своето молчење или академската гласноговорност, свесно или несвесно, придонесуваат за промена на вредносниот код за Балканот и за создавање на негативните стереотипи кои направија редефинирање на неговиот биополитички дискурс. Нивна логичка последица се предрасудите што се насочени кон Другиот и го декомпонираат неговиот интегритет и го ставаат на столбот на срамот, зашто тие се секогаш дадени во негативна парадигма. Овие имаголошки претстави за себе и за Другиот се актуализриаат во време на големи политички, идеолошки и верски судири.  Имаат големо пропагандно проседе, и влијаат на создавањето на јавното мислење, особено кога се поддржани од медиумите за масовна комуникација.  Гледано низ објективот на светските или на домашните медиумски куќи, често се случува пејоративната дисквалификација на Другиот да добие димензии на национална слика на непријателот.  Балканот, гледано геополотички и историски, културолошки и епистемолошки, е простор на кој се поставувале мостови помеѓу Истокот и Западот и затоа е изложен на големи исконски трауматични потреси  кои го покажуваат судирот на сопоставените алтеритети: паганство и христијанство, христијанство и муслиманство, западен рационализам и источна егзотика, сурова ладнокрвност и страстна полнокрвност, релативизам и фатализам.  Времето на големите транзициски престројувања на Балканот предизвика превреднување на сопствената историја, историјата на Другиот, а токму под влијание на хетеростереотипите кои влијаеја на  автоперцепцијата како жители на тој балкански хетероген топос.

            Марија Тодорова во Замислувајќи го Балканот нагласува дека кога во медиумите се пласира слика за Балканците, таа се доживува како потенцијално зло, баук со големи размери.  Балканот се претставува како рудиментиран дел на Западна Европа, негов недоразвиен, невралгичен дискурс каде народите се во трајна транзиција,  во постојан иницијациски чекор, без можност да стигнат до целта – големиот дом, цивилизирана Европа, зашто тие се полуцивилизирани. Така, нивната недооденост во времето и просторот на Европа станува нивна трајна тетоважа, онтолошко обележје што тешко се менува во светот на медиумската хегемонија, каде моќта на визуелното е супериорна во однос на доживеаното. 

            Современиот човек создава слика за Балканот преку сателитски сигнали, кабли и дигитални мрежи.  Медиумите, без оглед дали се од светските аналитички  центри или се домашни, приватни или владини сервиси,  ја заменуваат  емпиријата со глобализирани слики за светот добиени на виртуелен начин. Центрите на моќ создаваат симулакрум на стварноста, привидна среќа, мигновена радост, а за сметка на тоа, страда вистината која „докрај никогаш не може да биде кажана“ (Лакан). Така се анестезира можноста за општествена критика и дисонантниот свет успева да го деконструира јавниот мислечки простор.

            Кога изби воениот конфликт во Југославија во1991 година, прва жртва на војната беше вистината, а сѐ уште се испитува улогата на медиумите до колкава мера ја поттикнаа стигматизацијата на Другиот. Марк Томсон вели дека тогаш државните медиуми ја променија само реториката, „социјалистичката терминологија“ ја заменија со јазикот на демагошка и ирационална егзалтација што ги поттикна националистичките страсти на тој дотогаш утописки простор каде отсекогаш заедништвото засновано на прифаќање на разликите беше единствена животна девиза.  Одеднаш повеќето медиуми на тогашна Југославија се обединија во искривувањето на сликата за Другиот, во демонизацијата на Другиот, етерот стана хетероген, конфликтен и мрежно поврзан.  Историските проблеми се повампирија и оживеаја во јавната сфера.  Па битката на Косово, Јасеновац и злосторставата направени во Босна и Херцеговина во Втората светска војна како и десантот на Дрвар (и многу други современи и историски настани) беа постојано ревидирани и актуализирани во медиумите.  Во 1991 година кога започна војната, измислувањето на вести се доживеа како „патриотски долг“, активност од „национален интерес“, а во многу медиумски сфери воведена беше и цензура.  Оттука, јасно е дека и во светскиот медиумски простор страдаше вистината, зашто таа е непосредно поврзана со реалноста, а реалноста беше недоловлива поради домашната медиумска агресија во стигматизацијата на Другиот обележан како непосредно зло, а и поради медиумската светска кампања дека социјалистичкиот поредок по дефиниција е неодржлив и негов идеален супстрат е капитализмот.

            Балканецот се најде пред парадоксот на сопственото живеење.  Од една страна се распадна федеративниот дом, од друга страна светот ја промовираше глобализацијата, мундијализацијата.  Обединувањето на народите, државите, стана светски тренд, а од друга страна една остварена полувековна обединетост се разгради за да се наметне хегемонистичката филозофија дека излезот е токму во заедништвото, но базирано на почитување на разликите на Другиот. 

Оттука може да се види дека клучот на новото време се наоѓа во контролата врз медиумите.  Државите се разградуваат со електронски фантазии, со диригирани напливи на информации кои се вешто подготвувани и селектирани според интересите на големите господари олицетворени во заговорниците на „големиот светски поредок“.  На граѓаните им се нуди привид на среќа, имитација на демоктратија преку медиумските трпези управувани од моќта на оние што рушат општествени системи во името на „светскиот поредок“ и тие остануваат гладни за вистината на сложеноста на светот во кој живеат.  Процесот на симулација скоро и да не се чувствува, зашто погледите се насочени кон глобалните процеси кои на „слабите недемократски држави“, особено на оние што излегоа како бивши југословенски републики, не им дозволуваат сами да ја водат својата политика.  Наводно, нивната нестабилност произведува последици на глобалниот состав и доaѓа до низа „плишани револуции“.  А светот за „опасноста“ од Другиот дознава преку дозираните медиумски содржини, односно според сферата на интересот на велесилите кои преку мундијализацијата трупаат капитал и стануваат сѐ поголеми центри на влијание и затоа се клуч во создавањето на сликата за Другиот, на сликата за светот каде божем разликите се почитуваат, а се камуфлира моќта на власта и управувањето со силата на оружјето. 

         Станува јасно дека медиумите се пресудни кога станува збор за имаголошките аспекти на Другоста, зашто тие креираат свет по мерка на заинтересираните страни, особено во политиката на „големото село“ каде  моќта на капиталот прикриено дефинира слики што нему му одговараат.  Затоа,  парадигмата на хронотопот Југославија отсекогаш била геополитички важна.  Кога се декомпонира тој топос преку војната во 1991 година, на светот му се пласира слика за еден невралгичен и нестабилен дел од Европа, кој мора да се стави под управа или заштита на воените, дури и на хуманитаринте европски и светски организции кои ги чуваа народите и од самите себе.  Во тој период се јавија етнички судири меѓу довчерашните соседи и браќа, се појавија ничии жители како уметниците (Раде Шербеџија, Мира Фурлан..)  Соседството се претвори во внатрешен егзил на етноидентитетите наспроти дефиницијата на голема Европа и светот која преку медиумите пропагира обединување на народите, создавање на свет без разлики.  Затоа народите на тој бивш простор одеднаш стануваат поинакви за светот, Други, недостојни за префинета Европа, полуварвари.  Тогаш, тие народи се доживуваат како што вели Агамбен во Homo sacer, како остаток на светот, нешто што е „непријател и зло“.  На тој начин проблемот за Другиoт се актуализира, станува предмет на темелни прашања на политичката мисла и на медиумската провокација и креација на сликата за Другиот.  И во домашните и во светските медиумски центри, се наметнува биополитички дискурс дека Едните се „изложени“ на омразата и неправедната политика на Другите.  Тогаш се создава дискурсот за Другоста: Другиот да се присвои, да се отстрани, да се елиминира во неговата Другост, во неговата појавност.  Токму тоа е јасен замав на насилство над Другиот поради припадност кон нешто што е според Агамбен „несупстанцијална раса“. Имаголошкиот дисхармоничен и дисхармонизиран медиумски дискурс се создава во време на политички деконструкции на Другиот.  Во моментов во Македонија како и во многу држави во светот се случува парадигматски судир на левицата со десницата, на опозицијата со власта.  Постои жесток судир на интереси каде моќта на медиумскиот информативен систем политичкиот „естаблишмент“ сака да ја стави под цензура за да се спречи Другиот да стигне до целта.  А целта е да се ослободат и медиумите и вистината од стегите на тие тенденции.  Метаелитата сака да создаде за себе слика што ни најмалку не е соодветна на стварноста. 

            Орвелијанскиот манир во денешниот временски простор на Македонија го наметнува прашањето каква образовна и културна запуштеност имаат медиумите кога шират говор на омраза во „сто нијанси црно“, како што своевремено се изрази аналитичарот и новинар Сашо Ордановски.  Тој говор во Македонија во моментов нема ни сива нијанса. Се стигматизираат политичките противници, цели етнички групи, јавните  професии: новинарите, интелектуалците, академиците, амбасадорите и другите претставници на меѓународната заедница.  Другоста, во име на некакво поинакво мислење, дури и во сопствените партии не смее да постои.  Вистината е некаде далеку. 

            Паралелно со замрачувањето на  политиката, се менува јазикот, се создава некаков супстандарден јазик, синтетички говор, еден организиран систем од зборови и изрази кои го окупираат не само медиумскиот простор, туку воопшто им дава ново политичко значење на јасните политички состојби.  Се создава парадигма на новоговор: соросоиди, северџани, „овци“...   Така се именува „колективитет на предавници“ наспроти шовинистите што повикуваат на обединување не во име на човекот, туку во име на партијата, во име на „ново сонце на слободата“, во име на македонската национална кауза, а во многу варијации и на албанската.  Притоа, партијата е метонимија за државата.  Така се создаваат убиствени и самоубиствени ентитети, без разлика на националната и верска припадност. 

            Се отвора нова низа зборови и значења кои одразуваат општествени патологии, лични фрустрации, алчност, авторитаризам во „прислушна форма“, „креирани разговори“, „недоволна информираност на меѓународниот фактор“.  Ваквата реторика пласирана преку контролираните владини државни и приватни медиуми се раѓа во момент кога бродот се гледа дека застранил и сам мора да потоне.

            Медиумите се вклучени во општествен процес на врамување на реалноста во зависност од прашањето која политичка компетитивност треба да победи, па така започнува да важи синтагмата: „колку пари, толку музика“.  Актуелната политичка реторика во македонскиот медиумски дискурс е поларизирана веќе триесетина години.  Во актуелниов миг во Македонија постои медиумски феномен на три вида на имаголошката Другост:

 –  скапо потплатувана пропагандна артилерија која треба грубо да им се наметне на граѓаните, без оглед на која Другост припаѓаат;

–  скромни медиумски ресурси на опозицијата и опозициски мислечките луѓе, пред сѐ на здравиот и космополитски дух на јавноста, оној привлечен шарм на отпорот што се наметна преку движењето на студентите („и ние сме студенти“, „заокружете нѐ“, „не ви се плашиме“) и;

 –  неутрални медиуми – завиткани во мимикријата „има повеќе вистини“;  „сѐ зависи од точката на гледање“.

            Плитката политичка зрелост и политикантството се чудат зошто меѓународната заедница реагира на екстремниот говор на омраза, зошто не се прифаќа сериозниот говор наречен „nota bene“ на владата, зошто не е прифатливо да се јаде „чоколадо кога леб нема“, или зошто не е прифатливо езерата да бидат „мориња со ајкули“. 

            Над сите прашања во јавноста и во јавноста на медиумите стојат две дилеми: дали да се убие поштарот или дали да се убие содржината на писмото.

            Во таа смисла, можеби е најдобро да се послужиме со Сократовото уверување дека вистината е вечна што укажува на  парадигмата  дека човекот може да биде убиен, но вистината не може никој да ја убие.

            Во овој текст, намерата ми беше да нагласам дека имагологијата е наука што своите аналитички методи ги проширува надвор од книжевниот дискурс, се проширува во социополитиката, биоплитиката, во медиумскиот современ дискурс и станува релевантен креатор на вистината, декомпонент на вистината, се разбира во зависност од точката на гледање на тој што ја создава сликата за Другиот.  Јавното мислење станува рефлексија на комбинираното влијание на медиумските индустрии, на агенциите за односи со јавноста, владините бироа за комуникации, портпароли, лоби и спин центри.  Така, во име на народот се прикриваат интересите на елитите кои преку глобализмот креираат нова форма на инфоапсолутизам.

           

професор м-р Даниела Петровска

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани