Стручни екипи од Општина Битола, заедно со претставници на приватните фирми со кои општината има склучено договори за градежно – занаетчиски работи, во текот на денешниот ден, извршија увид во неколку основни и средни училишта, од каде беа пријавени штети после вчерашното невреме, предизвикано од силниот ветер. Во основните училишта „Коле Канински“ и „Свети Климент Охридски и средните Гимназија „Јосип Броз Тито“,
економското училиште „Јане Сандански’ и медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“, констатирана е состојбата, како и потребата од итна интервенција, така што од понеделник, во сите наведени училишта ќе се работи на санација на штетите.
Дополнително, екипите на ЈП Комуналец, постојано се на терен и работат на расчистување на просторот од паднатите 15 дрвја. Сообраќајот е нормализиран, а екипите ќе продолжат со работа до целосно расчистување. Во текот на ноќта дополнително интервенираше и ТППЕ Битола на локации каде што имаше паднати дрвја и кровови, како и екипи на КЈП „Нискоградба“, но и ЈКП „Водовод“ кои работеа на нормализирање на водоснабдувањето во делови од градот.
Во комуникација со ЕВН Електродистрибуција Битола, градоначалникот Тони Коњановски, утрово беше информиран дека екипите со сите нивни подизведувачи работат на отклонување на дефектите на надземната среднонапонска и нисконапонска мрежа, што дополнително беше отежнато и со паднати столбови за дистрибуција на електрична енергија. Се очекува денес, а најдоцна утре, целата мрежа да се врати во нормала.