АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Професорки по германски јазик од цела Македонија деновиве во Битола имаа ретка можност да присуствуваат на семинар со светски стандарди каде предавач беше експертот по германски јазик од Австрија, Лукас Маерхофер, професор од Виена кој држи предавања низ целиот свет. Познат е по интерактивните семинари, непосредноста, квалитетните предавања за што зборуваат неговите ангажмани од Австрија, други европски држави па сѐ до Техеран, Иран, Русија, Кзахстан, Кина, Хонг Конг, Тајван.
Дваесет и пет професорки учествуваа на семинарот по германски јазик поддржан од Австриската амбасада на РМ, Почесниот конзулат на Република Австрија, Сојузното министерство за образование, наука и истражување на Австрија, Австриската институција за академска размена и Австриската библиотека. Семинарот се одржа во Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола, а беа опфатени доста актуелни теми и тоа плурицентрика на германскиот јазик, празниците во Германија и австриски квиз кој може да се употреби во настава.
„Желбата наша како организатори е да им помогнеме на нашите професори по германски јазик да можат да се едуцираат преку вакви семинари за да бидат актуелни во наставата, информирани за нови методи во предавањата кои можат да се применат, за наставата по германски јазик да биде сѐ поатрактивна. Впрочем и контактот со еден искусен предавач Австриец е незаменлив зашто го слушаме германскиот јазик од еден мајчин говорител, а ова е и предавач кој наметнува интересни теми преку интерактивна настава“, рече д-р Валентина Илиева, почесен конзул на Австрија, универитетски професор по германски јазик, преставник од организацијата на семинарот и Центарот за германски јазик „Илиеви“ од Битола.
Учесниците изјавија дека ваквите семинари им овозможуваат унапредување во работата.
„Човек учи додека е жив, а овде споделуваме искуства. Да се работи со експерт од Австрија за нас претставува огромна чест. Учиме од него. Дава примери од секојдневието, многу едноставен е, поставува прашања со кои може да нѐ воведи во темата и бара примери од нашето искуство. Има интерактивност, не е од оној тип на семинари каде сме присутни физички, а не психички, туку често пати воведува игри, практични примери“, рече Ангела Ивчевска, професор по германски јазик од Охрид.
Учесниците на семинарот добија потврди за учество од Министерството за образование на Австрија, како и материјали што можат да ги искористат во наставата.
„Семинарот е мотивација за да учиме и да се надоградуваме да го пренесуваме знаењето на нашите ученици. Се запознаваме со познати професори и добиваме материјали кои доста користат во наставата, добиваме охрабрување да користиме игри во наставата, таа да биде интерактивна, а не само класична“, рече Весна Попова, професор по германски јазик и судски преведувач од Штип.
Професорот од Австрија, Маерхофер рече дека германскиот јазик е еден од најважните во ЕУ, а и на Балканот се повеќе расте интересот за негово изучување.
„Им предавав за плурицентрика, термин што се користи во лингвистиката кога јазикот не се употребува само во една земја туку во повеќе и при тоа има мали разлики во вокабуларот, а може и во граматиката. Во работилницата ги презентирав разликите помеѓу германскиот јазик во Австрија и во Германија. Ги работевме термините од кулинарството од германскиот јазик и воочивме дека се плурицентрични, забележавме големи сличности и со македонскиот јазик, пример кај зборовите рибизла, шприцер, палачинки. И во Австрија и тука исто се кажува матура, лифт“, рече професорот.
Неговото предавање беше во рамките на таканаречените Австриски денови. Минатата година се одржа семинар на тема „Жените во Австрија’’,а пред две години предавање за литературата во наставата по германски јазик. Оваа година приуствуваше магистер Лукас Маерхофер кој е професор по германски јазик, има студирано и дрмаски уметности и романистика и италјанистика, како и студии по гастрософија, студиска програма единствена во Република Австрија на универитетот во Салцбург која ги спојува гастрономијата и културата во гастрономијата.
.