Општина Битола одговори на прашањата на АПЛА во врска со случајот со екс советникот Борче Корлевски кој според истражувањето на Плусинфо околу 700 работни денови за еден мандат бил ослободен од работа поради советнички ангажман.
АПЛА вчера испрати СМС порака и до бившата претседателка Габриела Илиевска со цел да го пренесе и нејзиниот став, до овој момент немаме одговор, штом добиеме ќе го објавиме.
АПЛА побара објаснување од Општина Битола, прашањата и одговорите ви ги пренесуваме во целост.
1. Дали потврдите кои ги носел Корлевски во РЕК Битола биле заведени во општината?
Согласно уредбата за архивско и канцелариско работење во делот Административно-техничко обработување на документот/записот Член 13 стои:
(1) Документот/записот на имателот со кој се врши службена преписка со друг имател содржи:
1. Наслов, кој се состои од назив и седиште на имателот;
2. Назив и адреса на примателот;
3. Кратка содржина на документот или предметот;
4. Број и датум на примениот документ/запис на кој се одговара;
5. Основен број на деловодникот и датум на порано експедираниот документ/запис;
6. Текст на документот/записот;
7. Потпис на овластеното лице;
8. Отпечаток на службениот печат за иматели на јавен архивски и документарен материјал.
Имајќи предвид дека, Деловодникот е книга за водење основна евиденција на документите/записите, од извршената проверка во Општина Битола, констатирано е дека не постои деловоден број кој се однесува на потврди за оправдано отсуство од работен ангажман за време на мандатот на советникот Борче Корлевски во периодот 2021 – 2025.
2. Дали тие документи биле официјални документи на Советот? Чии бил потписот и дали е своерачен од екс претседателката на Советот Габриела Илиевска?
Во канцелариското работење во Општина Битола, согласно законската регулатива се практикува принципот на отворање на деловоден број пред отпочнување со работа на одреден предмет/документ, а по неговото завршување истиот се потпишува и се става печат. Документот кој не е заведен во Општина Битола, не е официјален документ на институцијата. Со оглед на наведеното, Општина Битола не може да потврди дали на местото каде што стои името на претседателката се работи за нејзин, своерачен потпис. Сепак, тоа треба да го потврди или негира претходната претседателка на Советот или истото би било дел од истрага на други надлежни институции кои треба да утврдат како се создавале вакви документи и дали претседателката своерачно ги потпишувала.
3. Кој ги изготвувал потврдите?
Општина Битола, нема евиденција на потврдите, што значи дека тие документи не се на институцијата и не би требало да се изготвени од вработените во институцијата, затоа што тие работат согласно Законот за архивски материјал и Уредбата за архивско и канцелариско работење. Кој ги изготвувал останува отворено прашање за кое треба да се изврши детална истрага, почнувајќи од институцијата во која истите се затекнати. Општина Битола нема сознание за содржината на документите, затоа што истите не се документарен или архивски материјал на институцијата.
4. Кој го користел печатот? Службите на Советот или самата Габриела Илиевска? Како е по правилник, каде стои службениот печат?
Врз основа на Уредбата за канцелариско и архивско работење, согласно решение од градоначалникот со печатот треба да ракуваат овластени лица од општинската администрација.
5. Зошто не биле заведени во архивата?
Потврдите кои се споменува дека биле затекнати во РЕК Битола, како оправдување за отсуство на советникот, не се заведени во Општина Битола. Со тоа, воопшто не постои архива за дадените потврди за оправдување на отсуства на советникот од страна на претседателката на Советот. Тука, останува нејасно и нивното создавање, како и излегувањето од институцијата, доколку биле создадени во општината.
6. Дали постои службена архива за отсуството на советниците вклучително и за Корлевски?
Доколку доследно се почитува законската регулатива, во институцијата мора да постои службена архива во која во посебно досие, со посебен деловоден број ќе се води евиденција за сите оправдани отсуства од работното место на советниците и претседателите на Совет, а за истите ќе има прилог покана за настан, листа на присуство, записник од одржана комисија или друга релевантна документација која би го оправдала отсуството. Ваква архива за мандатот на Советот за периодот 2021 – 2025 која се однесува на потврдите за отсуство на советниците не постои.
Потврдите, исто така, може да бидат дел од предмет кој се однесува на материјали од работата на Советот и како прилог документи кои може да произлегуваат од таа документација, што не е случај за периодот до ноември 2025. Од друга страна, рационализацијата на архивското и канцелариското работење дозволува користење на однапред умножени примероци на некој документ, но не во случај како конкретниот и не без евиденција на истите.
7. Дали Општина Битола може денес да потврди колку такви документи биле издадени?
Општина Битола нема евиденција колку потврди се издадени во перидот до ноември 2025 година. Истите, поради образложенијата наведени претходно, доколку постојат треба да се побараат во институциите во кои се вработени советниците. Во мандатот на овој состав на Советот издадени се 329 потврди за 20 советници, уредно евидентирани според документацискиот материјал поврзан со работата на Советот.
8. Кој го оправдуваше отсуството од работа на бившата претседателка Габриела Илиевска? Дали самата си издавала потврди? Дали за нејзиното отуство од работа за потребите на Советот постојат заведени документи во архивата?
Имајќи ги предвид претходно наведените одговори, официјални документи за отсуството од работа на екс претседателката на Советот, во архивата на Општина Битола не постојат. Кој и на кој начин го оправдувал нејзиното отсуство, најдобро може да се провери преку комуникација со институцијата во која таа е вработена.
9. Дали за Советот да издаде потврда за отсуство од работа на советникот не се потребни евентуално покана за настан или било кој друг доказ за ангажираност?
За одделението за правно нормативни работи, на барање на Претседателот на Советот или по иницијатива на друг советник да изготви потврда за
отсуство од работа, потребно е истото да биде документирано со соодветна документација:
- Покана за настан
- Покана/дневен ред или друга документација за присуство на комисија
- Записник од одржана комисија
- Листа на присуство потпишана од сите учесници на комисијата/настанот/активноста
- Друга придружна документација која го оправдува отсуството
Изготвената потврда за отсуство на советниците со деловоден број, се потпишува од претседателот на Совет, а потоа се става печатот на Совет на општина Битола.
А.Блажевска