2win800x200

Што кажаа сведоците од Бирото за јавни набавки во судскиот процес против Пеце Матевски екс директор на РЕК Битола

Јуни 08, 2026
судење пеце матевски - фото А,Блажевска судење пеце матевски - фото А,Блажевска

Двајца службеници, вработени од Бирото за јавни набавки на Република Македонија, сведоци на одбраната, сведочеа на судењето на Пеце Матевски екс директор на РЕК „Битола“, шестмина вработени во комбинатот и три службенички од Бирото за јавни набавки во Скопје, обвинети за повеќе кривични дела поврзани со Злупотреба на службената положба и Несoвесно работење во службата. Судењето е околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година да ја избере фирмата „РУД КОП“ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина. „РУД КОП“ Битола го доби тендерот за цена од 2595 денари за м3, (постигната после електронската аукција каде конкурент му беше само „Марковски Компани Борче“ Битола), додека „Гранит“ Скопје имал првична понуда од 2040 денари за м3. По предлог на ОЈО Битола за овој случај на „РУД КОП“ Битола му се замрзнати 3,5 милиони евра, пари кои се префрлени на сметката на „РУД КОП“ по основ на извршените услуги од тендерот, а пресметани од разликата во цените, доколку „Гранит“ Скопје би го добил тендерот за ископаните количини, а кој износ РЕК „Битола“ би го „заштедил“ доколку не била отфрлена понудата на „Гранит“ Скопје, смета ОЈО.

 

Сведоците Рита Глигоријевска - раководител на сектор и Александар Аргировски - државен советник во БЈН, сведочеа на последното рочиште (во петокот) и ги објаснуваа одредбите од Законот за јавни набавки од општ аспект, бидејќи и двајцата признаа дека ги немаат видено документите поврзани со јавната набавка, предмет на обвинението за овој случај.

Сведоците дадоа свое видување на примената на одредбите од чл.95 ст.8 од Законот за јавни набавки посебно во однос на примената на рамковната спогодба и што тоа значи - во тој дел сведочењето на раководителот на секторот за нормативни работи од Бирото за јавни набавки Рита Глигоријевска, како да го потврди она што го содржи самото обвинение, иако беше сведок на одбраната, кажувајќи дека рамковната спогодба се применува кога договорниот орган не е сигурен дали воопшто ќе има потреба од набавката - што во овој предмет не е случај, бидејќи согласно доказите приложени од обвинителството, набавката е распишана поради итната и неодложна потреба да се изврши ископот на инвестициската откривка за да може да се пристапи до јагленот потребен за производство на електрична енергија и второ дека кај рамковната спогодба договорот завршува кога ќе се постигне проценетата вредност - што тука не е направено според обвинението, туку е склучен анекс со кој е зголемена вредноста на набавката и со тоа е зголемен износот кој му е платен на „РУД КОП“ Битола врз основа на тој договор.

„Рамковната спогодба е начин на спроведување на постапката кој по дефиниција не создава обврска договорниот орган да ја порача стоката, услугата или работата.  Таа преставува рамка и дава можност во моментот кога на договорниот орган му е потребен предметот на набавка да пристапи кон економскиот оператор за истата да ја испорача. При тоа ни економскиот опрератор не е обврзан да ја изврши испораката. Рамковната спогодба најчесто се користи за стоки и услуги за широка потрошувачка тогаш кога постои неизвесност во однос на времето и количината кои ќе се потребни,  кога предметот на набавка подлежи на перманентно сервисирање и одржување и кога во определен период со сигурност се знае дека договорниот орган ќе има потреба од истиот предмет на набавка. На тој начин се заштедува време, средства и ресурси“, рече Глигоријевска.

 

судница судење РЕК Битола фото А.Блажевска

Фото Судење РЕК Битола  

 

 

На прашање на бранителот Емил Мифтари , дали кога како посебен начин на спроведување на постапка за јавна набавка е предвидено дека истата ќе заврши со склучување на рамковна спогодба, а количините кои се дадени во тендерската докуметација се дадени како ориентациони, рамковната спогодба може да се склучи на проценетата вредност на јавната набавка независно од висината на најниската понуда? Правникот Глигоријевска кажа: да.

„Согласно пресудата на Европскиот суд на правдата од 2022 година, кога се користи рамковна спогодба договорниот орган има обврска да ја наведе ориентационата количина, а доколку тоа не е случај поради природата на предметот на јавната набавка и се става количина 1, задолжително да се објави проценетата вредност на набавката. Со цел на транспарентен начин да им се каже на економските оператори која е вредноста на која ќе се склучи рамковната спогодба“, рече сведокот.

Подоцна кога адвокатот Мифтари праша - кога се спроведува постапка за јавна набавка која завршува со склучување на рамковна спогодба, дали доколку најниската понуда е со вредност која е повисока од проценетата вредност истата може да се земе во предвид како прифатлива и да се склучи рамковната спогодба?

Глигоријевска кажа дека – „во таков случај ставот и мислењето на Бирото за јавна набавка е во тендерската документација договорниот орган јасно да наведе дека рамковната спогодба ќе се користи до исцрпување на средствата обезбедени со одлуката за јавна набавка.“

Обвинителката Нечаковска праша – Дали станува збор за рамковна спогодба ако имаме оглас за јавна набавка во чии што составен дел е динамика на реализација со точно наведени количини кои треба да се реализираат секој месец врз основа на договорот кој ќе биде склучен од таа набавка?

Сведокот кажа: „Рамковната спогодба не создава обврска во однос на исцрпување на целокупната количин, а кога имате класичен договор за јавна набавка и кога ќе кажете на пр. изградба на 50 км пат,  тој договор мора да се реализира во целост. Кај рамковната спогодба кога ќе ставите количината како оквирна рамка неа немате обврска да ја испорачате целата туку ја реализирате до проценетата вредност која ја определил договорниот орган со одуката и тоа треба да биде наведено во тендерската документација“, кажа Глигоријевска.

Сведокот Александар Аргировски -државен советник беше прашан од адвокатот дали ако во постапка за јавна набавка која треба да заврши со склучување на рамковна спогодба се случи цената која ќе биде постигната на електронската акуција да е повисока од паричните средства кој биле предвидени со одлуката за јавна набавка задолжително е потребно да се употреби одредбата од чл. 77 ст. 5 од ЗЈН?

Сведокот Аргировски рече дека  посочениот член од законот –„предвидува можност на договорниот орган да дообезбеди средства доколку најповолната прифатлива понуда е над износот на средства што се обезбедени со одлуката за јавна набавка. Доколку договорот се склучува на износот на вкупната цена на понудата тогаш или ќе дообезбеди средства или ќе се поништи постапката бидејќи сите понуди ќе бидат над тој износ, ако се склучува рамковна спогодба на износот на обезбедени средства и тоа е утврдено како услов тогаш оваа одредба нема да се применува.“

 

Пеце Матевски фото А.Блажевска

судење Пеце Матевски - фото А.Блажевска 

 

Инаку како што веќе објавивме на 29 август 2022 година кога РЕК „Битола“ носи одлука да го избере „РУД КОП“ Битола за изведувач на работите, во одлуката потпишана од Пеце Матевски стои дека изборот на „РУТ КОП“ Битола се извршил согласно критериумот –„економски најповолна понуда врз основа на цената“, додека „Марковски компани Борче“ Битола доставил понуда со повисока вредност.

Во истиот документ подолу пишува дека понудата на „Гранит“ Скопје за техничката или професионална способност е „неприфатлива и се отфарла за понатамошна евалуација. Понудувачот ‘Гранит’ Скопје има доставено документ за извршено услуги за ископ на минимум 4.000.000 м3 јаловински маси кумулативно за последните три години, но работите на автопатот Кичево -Охрид ...не се се уште завршени. Според тоа нема ископано минимум 4.000.000 м3 јаловински маси.“

„Топлина“ Охрид иако доставува како фирма потврди дека од 2020 до 2022 работела на автопатот Кичево-Охрид и во рамките на тоа работење ги има ископано количините што се бараат во тендерот, во одлуката за избор на најповолна понуда стои дека понудата на „Топлина“ се отфрла од натамошна евалуација поради немање на некои ISO стандарди и воопшто не се споменуваат овие потврди кои во однос на „Топлина“ се земени како веродостоен доказ.

Судењето за Пеце Матевски и останите обвинети продолжува утре на 9 јуни, а на рочиштето е предвидено сослушување на обвинетите.

 

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани