АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчани не покажаа голем интерес да ја искористат мерката за субвенционирање на велосипеди, средства издвоени од општинскиот Буџет. Иако често на социјалните мрежи многумина бурно реагираат за аерозагадувањето кое , меѓу другото, доаѓа и од густиот сообраќај, 40 проценти од парите останаа неискористени, а останатите ќе бидат пренасочени за субвенционирање на печки на пелети.
-Беше предвидено 1 милион денари за субвенционирање на велосипеди, односно 30 проценти од цената, но не повеќе од 3000 денари. Искористени се 60 проценти, дел од парите кои останаа за субвенционирање на велосипеди, ќе ги пренамением во субвенционирање на печки на пелети, рече Валенти Груевски, претседател на Советот на Општина Битола, кој додаде дека Општина Битола бара решение за недостигот на велосипедски патеки низ градот.
-Наскоро ќе излеземе со конкретни информации каде можат да бидат велосипедските патеки. Тоа беше наше предизборно ветување и не отстапуваме од тој дел, рече Груевски
На денешната седница на Советот се отвори дебата за оваа мерка, па од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека немало голем интерес затоа што е пласирана во погрешно време. Исто така, опозицијата реагираше и за тоа кој добил субвенции и зошто на списокот се нашле имиња на функционери, а меѓу нив и двјаца членови на Советот на Општина Битола-Ристенка Алтипармакова, која е дел од владеачкото мнозинство и Иван Чулаковски од независната група „Поинаку“.
-Сумата од 1 милион денари за субвенција на велосипеди не се искористи целосно, затоа што вие ја најавувате како мерка која што ќе има којзнае каков ефект на тема загадување на воздухот, сепак беше пласирана во јавноста во погрешно време и тоа е причината што не се искористени финансиските средства. Граѓаните нема да се согласат кога на списокот ќе видат имиња на функционери за субвенции. Од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема ниту еден апликант и тој пример треба да се следи. Упатувам јавен апел да ги повлечете вашите барања за субвенционирање, независно дали се печки на пелети или велосипеди, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ
Алтипармакова рече дека аплицирала за да даде личен пример на граѓаните и да ги поттикне да ја искористат мерката.
-Аплицирав за субвенции за велосипед со намера да ги поттикнам граѓаните да аплицираат за оваа мерка. Не беше исполнет бројот за доделување на субвенции и сметам дека нема ништо спорно. Јас сум поборник за чист воздух, а исто така како што барав досега и натаму ќе барам изградба на велосипедски патеки, рече Ристенка Алтипармаковска од ДОМ.
Чулаковски се согласи со Тошевски, дека има конфликт на интереси, па рече дека ќе се откаже од парите.
-Сметам дека советникот Иванчо Тоевски од ВМРО-ДПМНЕ е во право, има конфликт на интереси во овој дел. Мојата апликација беше последна поднесена,така што доколку можам да ја повлечам апликацијата ќе ја повлечам, а ако не парите ќе ги донирам во Домот за доенчиња во Битола, рече Иван Чулаковски, од независната група „Поинаку“.
Претседателот на Советот, Влентин Груевски, забелешките на опозицијата ги протолкува како собирање политички поени.
-Двајцата конкурирале сосема легитимно, за ова разговаравме и на Комисија, имаше и советници од ВМРО-ДПМНЕ, а двајцата колеги, и Алтипармаковска и Чулаковски, прашаа за мислење, дали е чесно да ги прифатиме нивните апликации или да ги повлечат. Едногласно беше прифатено да не ги повлекуваат, прво затоа што има доволно пари, второ никаде во конкурсот не пишува дека не можат да учествиваат и нашата цел беше да ги замениме автомобилите понекогаш со велосипед. Луѓето размислуваа, а ние ги убедивме да аплицираат за субвенции, а сега вие го злоупотребивте тоа што тие беа коректни и кажаа. Фискалната сметка нема име и презиме и никој не може да гарантира дека некои не конкурирале со друго име и презиме. Тие имаа доблест и јавно кажаа и прашаа дали е во ред да аплицираат, а вие ја злоупотребивте нивната транспарентност и искреност. Колега Чулаковски, ве молам да си ја искористите субвенцијата бидејќи ви следува, рече Груевски.
Од ВМРО ДПМНЕ предложија Советот да донесе одлука во иднина при доделувањето на вакви субвенции, советниците и носителите на јавни функции, како и членовите на потесното семејство да немаат право да аплицираат на вакви огласи.