АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
70 години како државно училиште, прослави денеска Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и други пречки во развојот „Кочо Рацин“-Битола. Таа е единствена установа во земјава од ваков вид во државата под Министерството за образование и наука.
Децата во овој Завод доаѓаат од целата држава, а вработените секогаш го даваат максимумот за нив, посочи директорката Валентина Стојковска.
„Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ е основан во 1948 година во село Петровец, Скопје, а во 1955 година е преселен во Битола. Заводот е основоположник на дефектолошката теорија и пракса во Република Македонија, а тука преку рехабилитација и образование, преку употреба и користење на најсовремена технологија и специјализирани методи и форми на работа се развиваат интелектуалните и другите способности на децата (учениците) со проблеми во развојот, со цел да бидат оспособени за полесен пристап во нивното секојдневие и во односите со општеството“, истакна директорката д-р Валентина Стојковска.
На свеченоста присуствуваше заменик градоначалничката на Општина Битола, Емилија Костурски, која во име на општината им посака уште многу години успешна работа на вработените во оваа многу значајна институција во градот.
„ Драго ни е што токму во нашиот град Битола имаме една ваква установа, на која сме посебно горди, а уште повеќе што истата веќе 70 години им го прави полесен животот на сите деца со одредени потешкотии“, рече Костурски.
На одбележувањето присуствуваа гости од збратимениот завод од Крагуевац, Република Србија, кои на домаќините им подарија уметничка слика. Прославата заврши со приредба подготвена од учениците, збогатена со модна ревија, кратка драмска изведба и многу музика.