АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Оддавањето почит кон делото на браќата Манаки и посетата на гробот на Милтон Манаки на Влашките гробишта во Битола е традиција која ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со домаќините од Комуната на Власите и Советот на Општина Битола ја одржува со години.
Добредојде на гостите во комплексот на Влашките гробишта им посака Стефан Хаџи-Андоноски, кој потсети дека во Битола се наоѓа гробот на Милтон, додека Јанаки Манаки е погребан во Солун. Додаде дека годинава навршија 55 години од смртта на Милтон Манаки.
-На ова место пред 40 години, кога организиравме комеморација за Милтон Манаки, ја покренавме иницијативата за вечен спомен на големото дело на Манакиеви. Така се роди идејата за Манакиевите средби кои прераснаа во Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, објасни Стефан Хаџи-Андоноски.
Директорката на 40. ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, изразувајќи почит кон делото на браќата Манаки упати благодарност и со сите кои даваат несебична поддршка во одржувањето на Фестивалот, како Општина Битола, Министерството за култура, Агенцијата за филм, сите културни институции во Битола и, секако, граѓаните и публиката во Битола.
Кинематограферот и лауреат Јоргос Арванитис, поклонувајќи се на гробот на Милтон Манаки, рече дека треба да се продолжи да се негува делото творештвото и делото на браќата Манаки и се потсети дека пред повеќе од 10 години бил присутен на истото место само на еден ден, кога заедно со режисерот Тео Ангелопулос направиле снимки за потребите на филмот „Ulysses Gaze“. Тој ден во Битола имало голем снег, а сега забележал дека градот е сосема поинаков од тогашното време. Делегацијата на Советот на Општина Битола беше предводена од Валентин Груевски, а присутни беа и советниците Биљана Поповска и Иванчо Тошевски.
Почит кон делото на Милтон Манаки оддадоа и Пол Рене Ростад, претседател на Бордот на ИМАГО, кинематограферот Рајнер Клаусман, членовите на фестивалското жири Доминик Велински и Фејми Даут, уметничкиот директор на фестивалот Благоја Куновски - Доре, како и други кинематографери, автори и гости на 40. ИФФК „Браќа Манаки“.