АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Зимски игри без граници се одржаа во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, во организација на Телвизијата за деца и тинејџери TVB.mk и Спортската академија од Битола поддржани од „Бучен Козјак“. Целта на настанот во кој учество зедоа над стотина ученици беше да се поттикнат повеќе да спортуваат, но и да се вратат уличните игри кои во последните години ги има се помалку.
„Дојдовме да видиме какви предизвици ни подготви Спортската академија, иако настанот не е од натпреварувачки карактер сепак, сакаме да се покажеме во најдобро светло“, рече Давид Козаров, ученик од ОУ „Стив Наумов“.
Зимските игри без граници беа еднодневен спортски настан на кој фокусот беше ставен покрај другите спортски дисциплини и на трчањето бидејќи по иницијатива на TVB.mk и Спортската академија и на почетокот од учебната година беше организирана детска трка.
„Оваа тековна учебна година ја започнавме енергично, спортски и одлучивме исто така да ја испратиме спортски и енергично. Поаѓаме од идејата дека за спорт и рекреација не е потребен посебен повод, спортот треба да е секојдневие и секојдневно да е застапен кај децата. Настанот не е од натпреварувачки карактер, од забавен е , ревијален, да се дружат децата и забавуваат, а воедно и промовираме здрави навики, фер плеј , на човечки хумани вредности. Играат тимски“, велат организаторите.
Учество зедоа ученици од десет основни училишта, а ментори им беа професори и ученици од Спортската академија. Професорот Лазе Гаштаров, професор од Спортската акдемија вели дека ваквите настани се многу важни зашто кај децата ќе ги поттикнат уличните игри кои ги нема во последно време.
„Сведоци сме дека со новиот начин на живеење децата се помалку спортуваат, ги нема уличните игри, кои се обидуваме да ги поттикнеме. Можностите за спорт се минимални, околу секоја зграда изградени се гаражи, секое семејство има по две возила, улицата не множат да ја користат или просторот околу зградите, а имаме мал број на терени и спортски сали. Ове е единствен начин како да поттикнеме, но треба политичарите, бизнисмените да обрна повеќе внимание“, рече Гаштаров.
На спортскиот настан децата скокаа во вреќи, трчајќи совладуваа препреки, играа со топки и ред други активности, кои беа забавни, па салата беше полна со смеа.
„Стручни лица кои ја пратат возраста на децата фрапирани се од податоците на искривување на ‘рбетните столбови, дустабан и други деформитети“, рече Гаштаров.
Ж.Здравковска