АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 17 март во 1922 година, во Битола е роден народниот херој Вангел Нечевски-Тунелот.
Бил припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Работел како наемен работник во тутунската индустрија. Пред Втората светска војна станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ.
Бил и активен член на прокомунистичките УРСС-ови синдикати. Подоцна бил примен за член на КПЈ. По фашистичката окупација бил ангажиран во акциите на Месниот комитет на КПЈ за Битола за собирање оружје и за растурање пропаганден материјал.
Бил уапсен од бугарската фашистичка полиција во почетокот на 1942 г. По половина година интернација, се вратил во Битола и кон средината на 1942 г. станал борец во Партизанскиот одред "Дамјан Груев".
Подоцна бил курир на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Одржувал редовни врски со грчките и со албанските партизани, пренесувал илегално одговорни политички и воени раководители.
Пред крајот на антиокупаторската борба станал заменик-командант на дивизија. По ослободувањето од фашистичката окупација работел во органите на ОЗНА, вршел одговорни политички и државни должности во Битола и во Социјалистичка Република Македонија (СРМ).
Бил носител на Партизанска споменица 1941 г., на други награди и признанија, а за народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 г. Починал во Битола на 5 март 2006 г.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар