АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 19 април 1971, во Белград, Србија, почина Илија СПИРОВСКИ-Панде, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија, учесник во Антифашистичката војна, политичар, економист и општественик.
Роден е во село Избиште, Преспанско, на 3 јули 1920 година. Учи во Ресен и во Трговската академија во Битола. Работи како сужбеник и е активно вклучен во комунистичката партиската организација во Ресен. Другарува со Мите Богоевски од пред Втората светска војна, односно заедно дејствуваат во скоевската организација и учествуваат во повеќе акции против асимилаторската и денационализаторската политика на големосрпскиот режим.
Веднаш по германската и бугарската фашистичка окупација го раководи Фондот за прибирање оружје, храна, облека и други средства потребни за вооружената борба. Заменик политички комесар на партизанскиот одред „Даме Груев“, секретар на Поверенстиото на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) за Преспа, заменик политички комесар на баталјонот „Стив Наумов“.
По ослободувањето од фашистичката окупација зазема повеќе раководни должности: секретар на Окружниот комитет на КПМ во Ресен, секретар на Окружниот народноослободителен одбор во Битола, министер за финансии во Владата на Народна Република Македонија (НРМ), директор на Народната банка на Македонија, републички и сојузен пратеник. Носител на партизанската споменица 1941, Орден за храброст и други одликувања и награди.
Почина на Воено-медицинската академија во Белград, Србија, а закопан е во Алеата на великаните во Скопје.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар