2win800x200

Битола повеќе мисли на короната отколку на изборите

Јуни 25, 2020

 

БИТОЛА – Не изборите, ами короната е „главоболката“ на битолчани ова лето. Кампањата за претстојните парламентарни избори започна, ама како малку да допира до гласачите. Вестите кои битолчани сакаат да ги чујат денес е да нема новозаболен, а уште помалку дека има починат од корона вирус во градот. Иако Битола може да се пофали дека како голем центар има многу помалку заболени  од другите градови – до денес има 43 инфицирани и само 14 активни случаи. Вчера, на пример, немаше ниту еден новоинфициран од корона.

Поради овој страв и загриженост за јавното здравје политичарите се откажаа од блиски контакти со гласачите, од шетањето од врата на врата, партиски штандови и делење пенкала. Сега политичарите единствено што делат се маски за заштита. Некои тоа го прават со гола рака, без да внимаваат на хигиената. Сепак, факт е дека пораките и ветувањата на кандидатите за пратеници стасуваат на адреса на гласачите, ама преку социјалните мрежи. Засега се води интернет кампања, пишува Независен.мк

„Не мислиме на изборите, вистината е дека сме стресени од корона вирусот, па чекаме и читаме вести на Фејсбук кај Филипче, колку се заболени денеска, дали има од Битола. Не знам дали во овие три недели ќе се направи некаков пресврт, ама не верувам многу. Повеќе се грижам за здравјето, отколку кој ќе биде пратеник и кој ќе ја земе власта“, вели битолчанката Жаклина Ѓоргиевска.

Засега, како што стојат работите, сѐ поизвесно е дека излезноста на овие избори ќе биде ниска, а резултатите изедначени. Што, од друга страна, е мотивација плус за политичките партии да ги судрат партиските војски и да „мобилизираат“ што повеќе  партиски членови.

„Ние повозрасните и пензионерите се плашиме да одиме на избори, што е нормално заради нашето здравје. Можеби и на други, помлади, вирусот ќе им биде изговор да не излезат на гласање, ама затоа партиите нека си ги соберат членовите и нека си ги измерат силите. Во исто време има многу гласачи кои не се задоволни ни од оваа, ни од минатата власт, и тие имаат свој изговор зошто нема да гласаат“, вели пензиониран економист од Битола.

Битола од секогаш била важна за политичките партии и овде се воделе интересни политички битки. Многумина сметаат дека резултатите од гласањето што ќе ги даде Битола се репер за тоа кој ќе ја освои власта. Ама тоа не беше така – на последните парламентарни избори во 2016 СДСМ победи во Битола за 2,5 илјади гласови, а на национално ниво гласовите беа во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

Битолчани сметаат дека градот со години наназад е маргинализиран од двете најголеми македонски партии. Познавачите на политичките прилики велат дека во 1994 година Битола имала девет пратеници во парламентот, во 1998 – шест, а на последните парламентарни избори по еден до двајца пратеници од партија.


Изгледа дека излезноста во Битола на овие избори ќе биде ниска

И на овие избори сликата ќе биде слична, по двајца од кандидатите од Битола, и кај двете партии, со сигурност би требало да влезат во Собранието. Во добитна позиција се Бисера Костадиновска и Горан Козаров од СДСМ и Силвана Ангелевска и Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ. Игор Дурловски, иако е носител на вмровската листа на пратеници во петката, битолчани и не го сметаат за свој, зашто тој одамна е заминат од градот. Многумина споредуваат дека Дурловски е битолчанец исто колку и Јани Макрадули, кој во два наврати беше носител на листата на СДСМ во петката, па него битолчани не го чувствуваа како свој.

Она што е интересно за предизборниот амбиент во Битола, е колкаво е влијанието од работата на локалната власт врз одлуката на гласачите. Дали она што го остави бившиот градоначалник Владимир Талески ќе има влијание врз гласачите и дали работата на актуелната градоначалничка Наташа Петровска ќе собере глас повеќе за СДСМ.

Битолчани го споредуваат постигнатото на Талески и Петровска кога зборуваат за тоа колку им е важна Битола на политичарите.

„Неизвесно е, незаинтересираност има кај граѓаните за овие избори  и покрај што е важна политиката во нивниот живот, затоа што здравјето им е најважно. Сепак, треба да се оди напред, не можеме веќе да се враќаме на името, тука е НАТО. Битолчани без оглед за какви избори станува збор, ја споредуваат работата на градоначалниците, бивши со сегашни. Споредуваат каква беше Касарната, каква е сега, во каква состојба беше Офицерски, што се обновува сега, изградбата на стадионот. Можеби опозицијата требаше да се огради од некои постапки на бившото раководство и бившите локални власти и да каже дека  има нови видувања, но кампањата е пред нас, можеби ќе добие друга насока“, вели новинарот и хроничар на Битола, Петар Ставрев.

Претседателот на Совет на Општина Битола, Валентин Груевски, смета дека работата на локалната власт и покажаните резултати ќе имаат важно влијание врз овие избори.

„Она што во моментов се гради во Битола сигурно дека ќе донесе резултат на изборите. Битола сама гради стадион од пет милиони евра, се реконструира Офицерскиот дом со еден милион евра, куглана од 250 илјади евра, затворен базен, се гради обиколницата, се реконструираат неколку големи улици, а во подготовка се и две градинки со вкупен опфат од околу 400 деца. Сериозни инвестиции и секој кој не му приоѓа на овие прашања од политички побуди, ќе ви признае дека се гради на големо. Се разбира, како битолчани заслужуваме секогаш повеќе, и тоа е добро за секоја власт“, вели Груевски.

Кандидатите за пратениците и од двете партии велат дека веќе имаат планови за Битола, и стратегија како да ги привлечат гласачите да излезат на избори.

„Ќе го ветам само она што реално ќе можам да го реализирам и јас и мојата партија. Програмата е составена од проекти од сите области: економија, здравство, инфраструктура, автопатско поврзување на Битола со Скопје. Повисоки плати за 25 отсто за четири години, повисоки пензии, вработување на младите. Реконструкција на Клиничката болница, бесплатен приклучок на гасоводната мрежа за секое семејство. Она што е најважно ќе работиме чесно, онака како што работиме во нашите професии, сѐ со цел да ја вратиме насмевката кај граѓаните“, вели кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Олга Лозановска, специјалист интернист во Битолската болница и член на Советот на Општина Битола.

Горан Козаров, кандидат на СДСМ вели дека во наредниот период како пратеници од централната власт заедно со Општината имаат стратегија Битола да ја направат важен стопански и туристички центар на Македонија.

„Го слушаме гласот на стопанствениците и еден од најголеми проблеми е поврзувањето на Битола со останатиот дел на Македонија. Сите правни пречки се надминати, ќе продолжиме со поврзување на Битола со магистрален пат Битола- Прилеп, целосно реконструиран и проширен. Обиколницата која ќе ја поврзува Битола со Грција, патната инфраструктура Битола-Меџитлија ќе биде започната во јули и санирана. Битола ќе биде центар на туризмот, ќе се направи реконструкција за патните правци кон хотелот ‘Молика’ и Копанки и ски центарот ‘Стрежево’. Ќе се направат неколку спортски терени“, вели Козаров, машински инженер, актуелен директор на ЈП „Водовод“ Битола.

А.Б

https://nezavisen.mk/bitola-povekje-misli-na-koronata-otkolku-na-izborite/?fbclid=IwAR3rDCAvSQ-1cXQUzCJW5DaSgAHTsChg6CjyK0NWPTSoGCDuHs2XH9-8CXs

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани