АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 31 октомври 1942, во Битола е убиен Јонче МУРЏЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичкото движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден во селото Ѓавато, Битолско, на 5 мај 1920 г. По професија земјоделец. Од пред Втората светска војна е симпатизер на прогресивното комунистичко движење, а честите и блиски контакти со Тодор Ангелевски и Трајан Белев-Гоце се една од главните причини политички да се активира. Најнапред стана член на југословенската младинска комунистичка организација (СКОЈ), секретар на нејзиниот комитет во родното село, а потоа и член на КПЈ.
Еден од раководителите и најактивните комунисти во Ѓавато, а неговата куќа беше редовно место за одржување на партиски состаноци и криење на илегалци. Покрај редовните партиски должности, одржува и контакти со Партизанскиот одред "Даме Груев".
Учествува во организирањето на нападот од овој одред врз бугарскиот полициски подучасток во селото Кажани на 18 август 1942 г.
По големата провала во врска со оваа акција, на 22 август 1942 г. беше уапсен од бугарската полиција и затворен во Битолскиот затвор. Тука беше подложен на долготрајна физичка тортура. Во октомври 1942 г. бугарскиот суд го осуди на смртна казна со бесење и таа набрзо беше реализирана во Битолскиот затвор.
подготвил: д-р Александар Литовски, историчар