Webp.net gifmaker

Кафеаните се многу важен и висок фактор на ризикот за ширење на вирусот- анализира универзитетскиот професор Дејан Трајковски

Ноември 18, 2020
Три недели после скратувањето на ноќното работно време на кафеаните, веќе сме начисто со две работи. Прво, мерките имаа ефект, односно ги намалија репродукционите броеви R0 и Re. Овој вториот практично до единица, границата на стабилен раст, како што се гледа на првиот дијаграм. Второ, се покажа дека кафеаните навистина се многу важен и висок фактор на ризикот и дека тука има уште простор за подобрување, анализира универзитетскиот професор Дејан Трајковски. 
Кога сме кај репродукциониот број, денешната висока бројка на новодијагностицирани (1.402), а особено втората највисока дневна стапка на позитивни тестови (41,26%, сината линија на вториот дијаграм) нé потсетуваат колку е упорен вирусот, односно целата епидемија. Но, ние воопшто не сме изненадени, нели? Беше очекувано дека со враќањето на ИЈЗ во полно производство денеска ќе ги видиме двата параметри зголемени, што и се случи.
Кај хоспитализирањето гледаме трет ден едноподруго зголемен прием на пациенти и тоа исклучиво на инфективните одделенија во градовите (денеска 46 нови) пациенти. 
 
Дека сме дотерани во ќошот, благодарение на кратковидоста и неразбирањето на динамиката на епидемијата, веќе им е јасно и на нашите мудри здравствени власти. Сé погласно се слушаат и најави за полициски час, односно вонредна состојба која можеби уште утре ќе ја воведе претседателот на државата. Мене лично ми беше јасно дека ќе дојдеме до таа точка уште пред еден месец, за што одамна повикував на разум. Ако тогаш беа воведени таквите рестриктивни мерки, ќе заштедевме многу страдање, човечки животи и ќе го спасевме од урнисување целиот здравствен систем. Но ете, одлучиле да одат до самиот горчлив крај, па наместо едно, ќе видиме три зла - ем полициски час, ем крахиран здравствен систем ем огромен број на починати, ако нешто воопшто им значат, коментира професорот Трајковски. 
 
Кога сме веќе кај разните видови заклучувања, вонредни состојби и полициски часови, да видиме каков би бил ефектот од најавениот полициски час од 18 часот навечер до 5 часот изутрина. Иако таквиот полициски час би имал влијание врз намалувањето на репродукциониот број R0, ефектот ќе трае само додека траат таквите мерки. За да видиме намалување на дневните бројки со таков делумен локдаун, тој би требал да трае многу долго, поточно барем неколку недели. Дали населението ќе може тоа да го поднесе и издржи? Токму со таков полициски час ќе дојде до израз она со што нé плашеа цело време до сега, дека по неговото укинување бројките ќе тргнат нагоре. Затоа, сé уште сметам дека поефикасна мерка би бил краток (4-5 дена), но тотален викенд-локдаун, по примерот на провинцијата Јужна Австралија. Тоа населението секако полесно би го издржало, бројките би биле намалени, а потоа со постоечкиве лесни мерки би одржувале стабилен раст од околу 400 случаи на ден. После две недели постапката би ја повториле. Инаку, да имаше повеќе разум, локдаунот требаше автоматски да биде прогласен според алгоритам кога 14-дневната кумулативна инциденца надмина 120 случаи на 100.000 жители.
Патем, сегашните мерки - имитацијата на полициски час - според ефектот се речиси еднакви со вистинскиот полициски час од април и мај, што веројатно се должи на минимално создадениот колективен имунитет поради досегашната прележаност („прокуженост“), односно нејзиниот најправилен медицински израз „серопреваленција“ - присуство на антитела во крвта после прележаната болест.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани