АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Првото полугодие на учебната 2020/2021 ќе заврши на крајот на годинава, а второто ќе почне на 21 јануари 2021. Предвремен зимски распуст не е потребен зашто во училиштата нема ширење на вирусот, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Царовска рече дека не слушнала аргументи од опозицијата со кои тој предлог би бил оправдан, наведувајќи дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко просуство во целата држава е помал од 1 процент.
– Во моментов активни ученици со физичко присуство се 79, што е 0,06 проценти од вкупниот број ученици, и 148 наставници до вчера, што е помалку од 1 процент од вкупниот број наставници во нашата држава. Ова се факти кои зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, дека образовниот систем е стабилен и училиштата ги почитуваат мерките и здравствените протоколи. Токму затоа продолжуваме да го спроведуваме Планот од Владата за учебната 2020/2021, според кој второто полугодие ќе почне на 21 јануари, а на крајот на годинава ќе заврши првото полугодие, рече Царовска на прес-конференција посветена на буџетот за образованието за 2021.
Образовниот процес и систем се натпартиски, се работи за сите деца – и нивните и нашите, рече министерката. Нагласи дека е секогаш спремна за дискусија со опозицијата и со сите што имаат различен став, доколку тие се базираат на аргументи и факти значајни за да се донесе поинаква одлука, но дека такви аргументи и факти не добила од опозицијата.