АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сериозно штетат црните кампањи кои се водат за различни состојби во здравствените установи низ земјава, при што се запоставува жртвата што секојдневно ја даваат здравствените работници во битката со коронавирусот, вели Невена Димовска портпарол на ОО на СДСМ Битола во денешната изјава за медиумите.
Интегралниот текст од изјавата на Димовска ви го пренесуваме во целост.
За цел зголемување на сместувачките капацитети за згрижување на пациенти заболени од Ковид 19, локалната самоуправа на Битола, предводена од СДСМ го подготвува теренот за нов модуларен ковид центар. Во соработка со јавните претпријатија во надлежност на Општина Битола, на теренот зад мене за три недели треба да биде ставен во функција објект кој ќе овозможи дополнителни капацитети во битката со Ковид 19.
Истиот се состои од 3 модуларни градби, од кои две модуларни градби што содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.
Покрај сместувачките капацитети, овие мудуларни болници ќе добијат и целосна опрема вклучувајќи и ренген и ехо апарати.
СДСМ ве уверува дека во борбата со коронавирусот, Министерството за здравство и локалната власт продолжуваат со максимална ангажираност да создаваат услови за полесно справување и надминување на оваа здравствена криза и прават сѐ за да се заштити јавното здравјето. Во тие напори можеме и мораме сите да помогнеме.
Во тој контекст, не само што не помагаат, туку сериозно штетат црните кампањи кои се водат за различни состојби во здравствените установи низ земјава, при што се запоставува жртвата што секојдневно ја даваат здравствените работници во битката со коронавирусот, и во услови под нормалните за здравствената заштита. Од вистината бегање нема. Не се овие времињата во кои јавноста имаше увид само на фасадите на објектите. Слободата што СДСМ ја донесе и што денес ја уживаме, не може да го засени шминкерајот на кој со години бевме навикнале. Како секаде, така и во здравството има многу уште што да се направи, и покрај фактот што за овие три години направено е повеќе отколку во претходните 12. Од болници без доктори и персонал, од застарени или испокрадени апарати, макотрпно се менува сликата за јавното здравство. Пандемијата сите не затече. Откри и слабости на кои до вчера не сме се осврнувале и на нив мора да се работи.
Но, најпрвин мора да се избориме со ковидот, мора животот да победи. Сите напори ќе бидат залудни ако сите не се вклучиме активно во борбата да ставиме крај на заразата, почитувајќи ги сите мерки за заштита. Сите сме во оваа битка и само заеднички може да излеземе од кризата.