Јавното претпријатие Стрежево, ги презеде сите чекори за успешна и континуирана скијачка сезона.
ßОчекуваме зимската сезона да се одвива непречено со почитување на протоколите и мерките во услови на пандемија.
Нижеполе годинава располага со негувани скијачки падини. Вложивме во уредувањето, опремувањето, ставивме особен акцент на обезбедувањето и редот на ски-центарот, како и на сите други прашања што се значајни за користење на скијалиштето, вели директорот Менде Граматковски.
Скијалиштето е уредено на начин што ги задоволува условите од аспект на зачувување и заштита на животната средина, како и соодветните санитарно- хигиенски услови.
Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток на новата ски-сезона, извршен е редовен сервис, променето е влечното јаже.
Апелираме до граѓаните да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од COVID -19, односно задолжителна дистанца од 1,5 до 2 метри пред билетарниците, чајџилницата и ски-лифтовите сè со цел да имаме сигурна дестинација и спречување на внесување и ширење на коронавирусот.
Го очекуваме снегот на волшебното планинско царство, мирисот на снегулките и сите заедно со душа да се насладуваме на прекрасната зимска идила.
Се надеваме на магична зимска бајка во периодот што следи и сите заедно да започнеме успешна скијачка сезона во новата година.