АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Кочо Рацин“ во Битола е првиот студентски дом во земјава кој доби објект каде можат да прстојуваат лица со попречености. Адаптирани се простории за спални соби, читална и кујна, како и пристапна патека. Проектот е имплементиран од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а финансиски е поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Агенција за развој и соработка.
-Со партнерства меѓу централната и локалната власт, како и со меѓународните партнери можеме да постигнеме одлични резултати што се од интерес на сите што студираат во Битола и ги користат можностите на студентскиот дом кој од денес е пристапен за лицата со попреченост. Наша главна водилка низ поцесот на образование е сите ученици независно од нивниот развој да имаат еднаков пристап до сите услуги во основното, средно и високо образование, но исто така и пристап до сместувачките капацитети. Овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој условите и целата внатрешна инфраструктура се поставени, истакна министерката за образование Мила Царовска.
„Поранешниот објект беше руина, а сега е прекрасно направен за што МОН даде итна согласност за негова реконструкција. Студенти со попречености ќе може да користат 6 уредени соби, читална и кујна. Проектот чини 6 милиони денари и е реализиран успешно. Соработка меѓу македонската и швајцарската влада ќе продолжи и во наредните 3 до 4 години за што на располагање 6 милиони швајцарски франци и се надевам дека во Битола ќе има нови успешни проекти, посочи министерот во Министерството за локална самоуправа Горан Милевски.
Директорката на Студентскиот дом Соња Карапец рече дека се создадоа можности за студенти со попречености да живеат во Домот.
„Мислам дека сме единствен студентски дом во цела држава со вакви можности. До овој момент стигнавме со тимска работа, со одлична соработка меѓу сите институции“, рече Карапец.
Директорот на Пелагонискиот плански регион Гого Видимче искажуа огромна благодарност до сите што се вклучија за да сае добие нов сместувачки капацитет во студентскиот дом „Кочо Рацин“-Битола за кој бенефит ќе имаат сите студенти што ќе студираат на УКЛО-Битола.