АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 6 јуни 1922
Во Битола е роден Стерјо Ѓеоргиевски-Жорж, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден во Битола, на 6 јуни 1922 година. По професија чевлар. Уште во предвоена Југославија дружејќи се со повозрасните работници стана активист во прокомунистичките синдикати и раководител на чевларската синдикална подружница. Сакан и ценет меѓу работниците, што пак му овозможи во 1939 г. да биде еден од главните организатори на штрајкот на чевларските работници во Битола. Веднаш по фашистичката бугарска окупација на Вардарскиот дел на Македонија во 1941 г. стана член на КПЈ и набрзо е избран во градскиото раководство. Зеде активно учество во подготовките и изведувањето на таканаречената Илинденската демонстрација во Битола во 1941 г.
Во натамошниот период од антиокупаторската борба пројави активност во организирањето на врски за прибирање на храна и оружје за илегалците и партизанските единици. Всушност, е еден од најблиските соработници на Стив Наумов, Лазо Хаџи Поповски и другите главни раководители на антифашистичкото движење во Битола и Битолско.
Набрзо по формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ стана негов борец. На 22 октомври 1942 г. по одржаниот митинг на Одредот во селото Сопотско, Ресенско, кога започнала борба со бугарските воено-полициски сили е убиен.
подготвил: д-р Александар Литовски, историчар