После тримесечна теоретска и практична обука, денес на 15 негуватели им беа доделени сертификати, со кои се потврдува дека истите се лиценцирани за давање услуги на лицата кои што ќе имаат одредена потреба. До крајот на годината уште 10 лица ќе имаат можност да се стекнат со ваков сертификат. Негувателите ќе бидат соодветно и препознатливо облечени, опремени со медицински помагала, како апарати за мерење шеќер, притисок, прва помош итн. Обуката за негуватели за помош на стари лица и лица со попреченост се реализираше во Црвениот крст Битола, а истата е дел од проектот во вредност од 450.000 денари кој го реализира Општина Битола преку програмата за социјална заштита.
„Општина Битола, од сопствени средства овозможи лиценцирање на 25 лица, кои ќе значат поддршка на лицата од различни возрасни групи. Во градот, постојат повеќе институционални форми каде што лиценцираните негуватели ќе можат да бидат работно ангажирани и да бидат вклопени како препознатливи лица по својот ангажман. Предноста на сето ова е што лиценцираните негуватели, стануваат препознатливи во еден систем на ниво на држава, што реално им дава можност за континуитет во работењето. Работата е специфична, но токму затоа е племенита“, рече Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска на денешното доделување на сертификатите.
Петровска потсети дека на овој начин се решава проблемот на голем број лица кои имаат потреба од користење на одредени услуги од здравствените установи или Центарот за социјална работа. Негувателите ќе им дадат помош и на старите лица, или лицата со попреченост, онаму каде што нема кој да им даде домашна поддршка, при соодветна терапија или друга потреба. Ваквата поддршка и синхронизираното делување помеѓу Црвениот крст и Општина Битола, ќе го подобри животот на жителите на општината на кои им е неопходна поддршка, а особено нивното функционирање во високоризични ситуации, како што беше состојбата со пандемијата предизвикана од КОВИД 19.