АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Проф. д-р Мирјана Мирчевска е новата претседателка на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија СОФАМ, кој го одржа годишното собрание во Центарот за култура Битола и едногласно ја избра Мирчевска за нов прв човек на организацијата во која членуваат бројни културно уметнички друштва од државата и го промовира фолклорот и традициите и дома и во светот.
Таа е редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија. Дипломирала на Заводот за етнологија на ПМФ, а постдипломските студии ги завршува на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет за Универитетот во Белград, каде и магистрирала. Докторирала на тема од областа на етничките идентитети.
“Професионално сум многу задоволна, но личното задоволство ми е уште поголемо. Љубовта кон фолклорот ми е голема и затоа ова го сметам за предизвик. Фолклорот не е само народна песна и игра, тоа е многу повеќе. Потребни ни се хетерогени претставници. Еден регион, на пр. Паланечкиот во себе содржи неверојатно многу различни топоними, егзоними и слично а за некој од страна тоа е само еден регион. Истото треба да биде и во фолклорот”-истакна таа.
Таа доаѓа на местото на доскорашниот претседател Антонијо Димитровски, кој го заврши својот втор тригодишен мандат. И кој зад себе остави бројни реализирани активности со изразена меѓународна активност на членовите.
“Новата претседателка беше избрана едногласно од присутните делегати. Што само зборува колку денес можам да речам дека се гордеам со фактот дека после мене оставам квалитетна група на личности кои само ќе го продолжат патот за вистинска презентација и воздигнување на македонскиот фолклор. И честитам од срце на новата претседателка”- истакна на собранието пред присутните делагати досегашниот претседател, Димитровски. Сојузот на фолклорни ансамбли е формиран 1994 година, во него членуваат четириесеттина ансамбли и фолклорни фестивали и е полноправен член во светската фолклорна адоцијација CIOFF.