Webp.net gifmaker

Од 16 до 20 јули манастирот во Слепче ќе биде центар на научници и истражувачи

Јули 13, 2021

Од 16 до 20 јули во организација на Манастирот Св. Јован Претеча – Слепче и во соработка со ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ, на отворен простор во манастирскиот комплекс ќе се одржи III Научна конференција и IV Слепченско-демирхисарска летна школа – Манастирот Слепче, духовен, културен и уметнички центар.

На 16 јули во Манастирот со почеток од 12 часот ќе се одржи III Меѓународна научна конференција со учество на реномирани научници како проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Ванчо Георгиев, проф. д-р Елизабета Касапова, д-р Јехона Спахиу-Јанчевска, д-р Дарко Николовски, д-р Александар Василевски, д-р Васил Георгиев, д-р Емилија Апостолова-Чаловска, д-р Александар Крстаноски, д-р Виктор Недески, м-р Гоце Ристески, м-р Георгиј Секулоски и со линковско вклучување својот труд ќе го изложи проф. д-р Николај Зубов од Универзитетот во Одеса, Украина.

На 17 јули во Манастирот Св. Јован Претеча Слепче свечено ќе биде отворена овогодинешната Школа со промоција на Зборникот на трудови од Втората меѓународна научна конференција Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот во XVI и XVII век, како и монографијата Црквата Св. Никола во Слепче, Демир Хисар од авторот д-р Сашо Цветковски, изданија произлезени од активностите на Школата во претходните години.

Истиот ден, 17 јули, започнуваат и едукативните предавања во рамките на попладневните работни сесии, кои секојдневно, до завршувањето на школата на 20 јули, ќе се одвиваат во Манастирот. Предавањата тематски се насочени кон презентирање на дела-ракописи од Слепченскиот книжевен центар, посебно кон делата на најпознатите скриптори и автори Висарион Слепченски и Матеја Слепченски, но и на химнографски дела од досега непознати книжевни и музички дејци поврзани со подоцнежната историја на Манастирот. Пленарните предавања се подготвени од проф. д-р Илија Велев, а свое учество и излагање-презентација ќе имаат и неколку истражувачи м-р Геогри Секулоски, д-р Александар Крстаноски и м-р Гоце Ристески. Во рамките на овие попладневни предавања ги најавуваме и предавањата на проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, проф. д-р Елизабета Касапова, проф. д-р Ванчо Георгиев, проф. д-р Сашо Цветковски, д-р Виктор Недески кои се насочени кон презентирање на материјали, нови откритија и сознанија од работата на школата 2017-2019 г.

Активностите во рамките на овогодинешната Слепченско-демирхисарската летна школа ќе се одвиваат во доменот на пет научно – истражувачки секции предводени од реномирани професори и научни истражувачи: архитектура (проф. д-р Елизабета Касапова), археологија ( проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс), историја ( проф. д-р Ванчо Георгиев), историја на уметноста (проф. д-р Сашо Цветковски, раководител на школата), теологија ( д-р Виктор Недески) со учество на дваесеттина студенти, додипломци и постдипломци.

Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири како и најзначајните места од Илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино и Крушево.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани