На денешен ден е роден Трајче Грујоски, носител на "Партизанска Споменица 1941"

Август 19, 2021

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 19 АВГУСТ  1921

Во селото Раково, Леринско, Егејски дел на Македонија е роден Трајче ГРУЈОСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
 
Бил член на југословенската комунистичка младиниска организација (СКОЈ) и на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1939 г., член на Месниот комитет на СКОЈ во Битола (1941) и секретар на Обласниот комитет на СКОЈ. Бил борец на Битолскиот партизански одред "Јане Сандански" (1942), инструктор на Леринскиот партизански одред "Вичо", политички комесар на чета во Битолскиот партизански одред "Гоце Делчев" (1943), член на Вториот областен комитет на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) во 1943 г. и заменик-политички комесар на Втората оперативна зона на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ). По ослободувањето дипломирал на Правниот и на Економскиот факултет, а потоа докторирал на темата „Битола - дејството на основните општественоекономски факори врз развитокот“.
 
Бил редовен професор на Економскиот факултет и на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита во Скопје, директор на Уредот за статистика на Народна Република Македонија (НРМ), секретар на Извршниот совет на НРМ, сојузен секретар за законодавство и организација на власта на Сојузниот извршен совет (СИС), претседател на Републичкиот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија (СРМ), потпретседател на Извршниот совет на Собранието СРМ, член на Сојузниот извршен совет, судија на Уставниот суд на СРМ, претседател на Претседателството на Сојуз на здруженијата на борците од Народноослободителната војна (СЗБНОВ), член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ) и републички пратеник.
 
Неговите научни трудови се однесуваат главно на Антифашистичката војна и на економскиот развиток на Битолско.
 
Бил носител на „Партизанска споменица 1941“ како и на низа други ордени, награди и признанија. Починал на 17 јули 2016 во Скопје.
 
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани