АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Димитар Кузмановски, секретар на ЛДП Битола
Либерално-демократската партија на следните локални избори ќе настапи во коалиција со сродни политички партии од центарот, невладини организации и граѓански активисти кои споделуваат либерално демократски и зелени вредности. Секогаш после една ваква храбра одлука се поставуваат многу прашања, ама едно одма се издвојува.
Првото прашање кое веднаш се поставува е зошто ја напуштате коалицијата со СДСМ и дали сакате да му помагате на Вмро-Дпмне?
Многу е битно да нагласиме дека ЛДП нема никаква намера да му помага на никој, а најмалку на Дпмне, туку единствено ќе си водиме битка за нашите програмски определби, за Битола и за граѓаните на Битола.
Битолчани многу добро знаат дека дванаесет години бевме во опозициона коалиција и работевме Владимир Талески да си оди од власт. Сега кога, Битола навлегува во сосема друга фаза, време е да ги понудиме нашите размисли, нашите видувања за развојот на градот, нашите решенија и либерални политики за Битола. И затоа ќе настапиме, надвор од тој голем блок, за да понудиме алтернатива, друга политика, друг поглед на проблемите и решенијата кои ги нудиме.
Како партија сме задоволни од резултатите кои ги постигнавме во институциите кои ги раководевме, горди сме на новостите кои ги воведовме, на напредокот кој го постигнавме. Факт е дека учествувавме четири години во оваа власт, и одговорни сме за одредени лоши политики, ама заслужни сме за сите добри работи кои се направија во овие четири години, а ги имаше многу.
ЛДП ќе води позитивна кампања, ќе ги промовираме нашите идеи, нашите предлози за решавање на одредени проблеми. Нашиот однос ќе биде позитивен, без кавги и конфликти, ама жестоко, а пред се со аргументи, ќе возвратиме на секоја неправда, лага, манипулација, невистина која ќе биде изречена за нашите кандидати.
Граѓаните ќе ја препознаат нашата чесна, одговорна и посветена работа во овој период и таквата работа ќе ја наградат на следните избори.