По повод 77 години од бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола, денес свежо цвеќе положија градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и претставници на Општинската организација на Сојузот на борци, на споменикот подигнат на локацијата каде што некогаш се наоѓал затворот, во близина на „Црн мост“.
Присутните се потсетија на настаните поврзани со судбините на политичките затвореници, како и на случувањата на денешен ден.
Според податоците на историчарот Александар Литовски, на 6 септември 1944 година, се случило бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола. Обласниот централен затвор бил отворен во јули 1942 година во близината на Црн Мост каде беа затворани политички затвореници од целата битолска околија.
Фашистичкиот воено-полев суд во Битола изрече казни на над 250 учесници во Народноослободителното и антифашистичко движење. Над 50 од нив беа осудени на смрт со бесење, над 20 беа осудени на доживиотна робија, а другите на временски казни со строг затвор од една до 20 години.
Цело време таму функционираше затворски комитет на комунистите, кој од средината на 1944 година формирал и затворски воен штаб, кој пак беше ангажиран околу поодготовки на бегството на политичките затвореници. Во затворот излегоа три броја на илегалниот затворски весник "Наш пат".
Соочени со поразот на фашистичката власт Управата на затворот, три дена пред капитулацијата на фашистичка Бугарија беше приморана да дозволи да се отворат затворските порти и околу 120 политички затвореници избегаа од него. По бегството од затворот сите политички затвореници успешно се вклучија во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување на земјава од фашистичка окупација.