2win800x200

Кондовски до крај со позитивна кампања, а Коњановски ќе возврати на прозивките

Октомври 11, 2021

Како никогаш досега Битола и битолчани се сведоци на една позитивна кампања за актуелните локални избори. Навредите, нападите и личните дисквалификации на учесниците, кандидатите  за градоначалник и кандидатите за советници речиси се незначителни и се бројат на прсти. Сведоци сме дека во минатото симпатиите на гласачите се добиваа и на таа реторика, кој подрско, подолно ќе го навреди противникот.

Политичарите како да ја сфатиле пораката од граѓаните дека како нивни гласачи се желни да чујат нешто убаво, нешто позитивно и напредно и дека токму тоа ќе им донесе резултати.

христо бт

Во изминатите две недели кандидатот за градоначалник на СДСМ Христо Кондовски, единствено се занимаваше со промоција на своите проекти и визии за Битола, убеден дека граѓаните токму тоа сакаат да го чујат од идниот градоначалник на Битола. Сепак, Кондовски е мета на напади, лични дисквалификации и професионално деградирање од политичките опоненти од ВМРО ДПМНЕ. Засега, тој не одговори ниту еднаш на прозивките. На пет дена до молкот Кондовски вели ќе продолжи со позитивниот концепт на својата кампања, а тоа е вели и правецот на промоција и на кандидатите за советници на СДСМ и коалицијата.

-Ќе продолжам со позитивна кампања, убеден сум дека граѓаните сакаат да видат една позитивна атмосфера, да ја видат енергијата и ефикасноста на идниот градоначалник. Кампањата да биде лице на тоа како градоначалникот ќе ја води општинската администрација, самата општината, градот и селата, рече Кондовски, кандидат за градоначалник  на СДСМ и коалицијата.

Сепак, останува впечаток дека кандидатите за градоначалник повеќе си тераат позитивна кампања, а негативната реторика ја пласираат портпаролите на политичките партии.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски смета дека кампањата што ја води предизвикува почит кон неговите противкандидати, но во истовреме смета дека на обидот на негативна кампања  и политички удар врз него нема да остане без да се реваншира.

-Достоинствено и чесно ќе ја продолжам кампањата влегов со целата оваа енергија на овие млади луѓе зад мене. Се надевам дека сето тоа ќе помине достоинствено како што треба, меѓутоа нема да останеме и да не одговориме на прозивките и прашањата кои се поставуваат, рече Коњановски, кандидат за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ за Битола.   

Без комплекси и политички предрасуди, во оваа трка за Битола деновиве паднаа и првите комплименти што противкандидатите си ги кажаа меѓу себе.

Кандидатот за градоначалник на ЛДП, Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа, јавно го пофали Кондовски бидејќи ветувајќи го проектот за Ски центарот „Ниже Поле“ и најавувајќи современа опрема за заснежување и правење вештачки снег, рече дека сето тоа ќе го прави во соработка со Министерството за локална самоуправа, проект на кој Милевски како министер работел во изминатиот период.

„Добро е што забележав дека иницијативата за зимски туризам за Ниже Поле, на кандидатот Христо Кондовски ќе се работи заеднички со Министерството за локална самоуправа. Тоа е за пофалба, оти јасно е потенцирано дека ќе се работи заеднички со Министерството. Навистина тоа беше наша иницијатива, наш проект, да го направиме заедно со градот и другите институции, зашто Битола заслужи заеднички да го заживееме зимскиот туризам на Пелистер“, рече Милевски давајќи оценка за проектите кои ги ветува Кондовски.  

За битолчани кои го следат општествено-политичкиот живот во Битола кампањата за локалните избори е изненадувачки културна без навреди, дискфалификации, едноставно  како „пријателски политички натпревар“.

„Ако оценувам со спортски жаргон, во Битола се игра ‘пријателски политички натпревар’. Тоа ви е исто како кога на стадионот под Тумбе Кафе на една иста трибина ќе ги седнете навивачките групи од двете екипи, а натпреварот ќе си помине без инцидент“, оценува Панде Димитровски, уредникот на весникот за хумор и забава  „Без навреда“ .

Несвојствено културна кампања, е оценката и на културниот работник и активист Тоше Ивановски за досегашниот тек на кампања во Битола.

„Ова што го гледам е крајно позитивна кампања, без вулгарности, навреди и препукувања меѓу кандидатите. Сѐ тече во промоција на своите програми и идеи и што е најинтересно покажаа слух за граѓанската иницијатива, со еден збор култивирана кампања“, рече Ивановски.

Виктор Илиев од „Иницијативата Битола на точак“ ги собра на едно место кандидатите за градоначалник на Битола со цел да се чујат нивните проекти и ветувања за Битола вело град.

„За разлика од минатите избори, мислам дека оваа кампања е покултурна. Има некое ниво кое се почитува и црвени линии кои не се преминуваат. Не гледам неосновани напади и вулгарности. Обично на крајот се разжештува“, вели Илиев.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани