АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Уште рано изутринава во комбиња на Македонски пошти и со големо полициско обезбедување започна транспортот на гласачките материјали од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола каде се печатеше, до општинските изборни комисии. Се врши дустрибуција на околу 4,5 милиони ливчиња и друг печатен материјал.
„За овие избори имаме за дистрибуција многу материјал до 80 општини плус градот Скопје. Има многу материјал зашто има рекорден број на листи на независни кандидати и на повеќе коалиции. Комбињата и камионите на Македонски пошти ги пратат и возила на МВР зашто се работи за доверлив материјал, гласачки ливчиња и изводи од гласачките списоци. Денес ќе се дистрибуира гласачкиот материјал, а за утре ќе остане да се предадат уште уредите за биометриска идентификација на гласачите“, рече Александар Даштевски, претседател на ДИК.
Гласачкиот материјал како и за низа претходни избори се печатеше во битолската печатница „Киро Дандаро“.
„За релативно краток период од 20 дена завршивме огромна работа, односно отпечативме околу 4,5 милиони ливчиња и огромен пратечки материјал, записници и се што е потребно за спроведување на изборите. Овие гласачки ливчиња според мене, се едни од најзаштитените зашто има преку 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, префрлање од едно изборичако место на друго, зашто сите се обележани со свое избирачко место. Отпечативме 40 тони хартија за ливчиња и плус околу 20 тони хартија за записници и други материјали“, рече Драги Милошевски, директор на „Киро Дандаро“.