Детскиот хор „Македонски ѕвончиња“, кој работи под раководство на Марина Коруновска, денеска премиерно на јутјуб го објави новиот проект, исклучителна изведба на песната „Македонија“.
Станува збор за познатиот хит на групата Тајм и Дадо Топиќ, односно култната преработка на македонската група „Меморија“ со која беше одбележан еден од најважните моменти во македонската историја. Оваа песна одекна од бината на плоштадот во Скопје на 8 септември 1991 година години, ноќта кога беше прогласена независноста на Македонија. Присутните во еден глас со групата „Меморија“ ја пееја песната и стиховите „Кога си сам и тажно е се, на неа ти сети се, Македонија ти нуди љубов и се“ во очекување на резултатите од рефернедумот, по што беше прогласена независна и суверена Македонија.
Триесет години подоцна, „Македонските Ѕвончиња“, повторно со многу емоции ја промовираа нивната изведба онлајн.