2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Од утре нови правила за влез во Грција

Февруари 06, 2022

Вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19 и имаат валиден европски сертификат, од утре во Грција ќе патуваат слободно, без да биде потребно дополнително да се тестираат, додека пак за останатите, задолжителен е негативен резултат од ПЦР или рапид тест, согласно измените на мерките што утре стапуваат во сила, а важат и за државјаните на Северна Македонија, објави  МИА 

По нешто помалку од два месеци, Грција ја укина мерката (воведена на 19 декеври 2021 година) за задолжителен ПЦР/рапид тест за сите патници од сите земји независно од тоа дали се вакцинирани или не, нешто што во петокот го соопшти и министерот за здравство Танос Плеврис кој рече дека „влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест”.

Со укинувањето на вонредната мерка, всушност условите за патување кај јужниот сосед се истите како што беа и претходно, пред да се воведе задолжителниот тест, но со ограничувања во однос на важноста на сертификатот за вакцинација, на девет месеци по втората доза и потврдата за прележан Ковид-19, 180 дена по првиот позитивен резултат.

Во Службен весник на Грција веќе е објавена новата министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19″, што стапува во сила утре и ќе важи до 21 февруари 2022 година во шест часот наутро, а МИА детално ги пренесува правилата за патување кај јужниот сосед.

Влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 33-те земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен тест по направен ПЦР или рапид тест.

За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Европскиот дигитален серификат треба да ги содржи основните лични податоци, односно име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.

Втората опција е со потврда за прележан Ковид-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.

Третата опција е со негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата  https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

За разлика од претходно, кога за невакцинираните и оние кои не прележале Ковид-19, односно за туристите кои патуваат со негативен тест, предвидено беше и дополнително, задолжително тестирање на влезните точки на Грција, сега, во новата министерска одлука, не постои ваква одредба.

Сепак, и понатаму, сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Во случај на позитивен резултат при тестирањето на граница предвиден е петдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи.

Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат маска со висока заштита или  КН95 или двојна маска.

Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или поминале девет месеци од примената втора доза или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во петдневна изолација по последниот контакт со позитивното лице и на последниот ден да направат ПЦР или рапид тест.

Доколку блиските контакти се вакцинирани и со трета доза или не поминале девет месеци од втората или прележале Ковид-19 во последните 90 дена, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат на петтиот ден од контактот.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот.

Од  Македонија во Грција може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Извор: МИА

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани