Порибувањето се реализираше со неколку илјади единки од видот крап со просечна маса од 50-800 грама согласно Риболовната основа, договорот за концесија и одобрениот Годишен план за 2022 година. Локација на порибувањето беше во близина на браната "Стрежево" и Шахтниот преливник на акумулацијата “Стрежево”.
„Чинот на порибување подразбира набавка на специфициран порибителен материјал, негов транспорт во адекватни контролирани услови од репроцентарот до предвидената локација и безбедно испуштање во риболовната вода. На денешниот настан присуствуваа сите релевантни субјекти кои успешно се координираа и се грижеа за регуларноста на порибувањето, како и претставници на медиумите, риболовните здруженија и граѓани. Стрежево повторно ја потврди својата заложба, одговорност и грижа за заштитата и одржувањето на животната средина. Континуитетот на вложувањата во зачувувањето, управувањето, заштитата и обновувањето на рибниот фонд несомнено директно имплицираат врз подобрувањето на условите за вршење на риболов за сите риболовци“, соопштија од ЈП „Стрежево“.