АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Високата медицинска школа од Битола со месеци е без вода, а нема ни средства за дезинфекција, во услови на пандемија со ковид-19 кога според пропишаните здравствени протоколи во установите задолжително е одржување на хигиена, се пожалија редовни професори.
„Во една ваква криза со коронавирус вистински се срамам бидејќи Високата медицинска школа во Битола едуцира кадри за здравствените струки и ова е недозволено, пет-пест месеци нема вода, нема тоалети. Во мојот кабинет има еден прст прашина. Дезинфекциони средства нема ни едно. Ситуацијата ја прели чашата, ова е државна институиција, не може да се гонат угостителите, а државата да ги остави своите институции, односно раководителите на тие институции, да покажуваат крајна негрижа“, обвини Томе Наумов, долгогодишен професор по екологија.
Тој уште се пожали дека во неговиот кабинет нема ни интерент врска, а за Високата медицинска школа рече дека работи без да го исполнува основниот законски услов, да има 10 редовни професори, но затоа има повеќе административци отколку наставен кадар.
„Сега имав предавање по епидемиологија почнавме денес физички со дистанца. Јас предавам епидемиологија и инфектологија во оваа институција , а нема ни вода, ни дезинфекциски средства, ни санитарни чворови, апсолутно нема услови. Дури и да нема физичка настава, имавме испити, има вработени во школата, администрација, доаѓаат студенти, мора да има обезбедени услови за хигиена“, рече професорката Снежана Стоилова.
Директорката на Високата медицинска школа, професорката Домника Рајчановска, со допис до медиумите одговори на обвинувањата дека Високата медицинска школа по завршувањето на јулската испитна сесија (25.07.2020г), во почетокот на месец август започна со градежно-занаетчиски активности за санација на санитарните јазли, кои не беа реновирани последните 30 години и беа во субстандардна состојба.
„За време на оваа состојба за сите вработени во Школата и странки е обезбеден санитарен чвор, со вода и дезинфекциони средства во останатиот простор во Школата. Активностите се во завршна фаза, и очекуваме да завршат до крајот на тековната недела. Од почетокот на пандемијата ВМШ ги почитува и спроведува сите протоколи за заштита според уредбите на Министерството за здравство и Комисијата за спречување и заштита од заразни болести“, пишува во одговорите на директорката.
Во однос на обвинувањата за наставниот кадар, таа одговори дека Школата функционира со акредитирани студиски програми на прв и втор циклус студии, во согласност со Законот за високо образование.
Група професори од Високата медицинска школа во Битола го обвинуваат раководството за незаконски избор на наставник на оваа високообразовна установа на УКЛО.