АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интегрален текст од изјава на Петар Николовски, советник во Општина Битола од редовите на СДСМ
Уште Петко не роден, капа му скроија.
По оваа народна поговорка се води градоначалникот Тони Коњановски кога најавува изградба на парк, а уште не му се решени прашањата со сопствениците на земјата. За Коњановски не се важни граѓаните и нивните права, туку она што го имаат замислено неговите партиски шефови. Па, пушти багери да копаат по приватно земјиште за кое се водат законски процедури за денационализација. Никој ниту знае дали, ниту кога, ниту како ќе завршат овие постапки, ама Коњановски и тајфата тоа не ги интересира.
Не само што не се решени имотно – правните односи на местото каде Коњановски сака да прави парк, туку за проектот нема ниту пари. Општината допрва ќе чекала пари од меѓународни организации каде аплицирала. Ама, ниту тоа не го спречи Коњановски да позира и да се слика во нивите. Тоа е старата школа на ДПМНЕ. Десет пати сликање за една иста работа за да се создаде привид дека нешто на терен мрда. А, реалноста е сосема поинаква. Камче не е поместено во Битола и по шест месеци од доаѓањето на новата власт предводена од ДПМНЕ и Коњановски.
Градоначалниче Коњановски, помина времето кога ДПМНЕ можеше на сила да гради што ќе му текне, каде ќе му текне, без да води сметка за права на граѓаните или за законската процедура. Уште се влечкаат по судови вашите партиски другари кои мислеа дека се над законот. Битола не сака да се врати во годините кога со сила почнуваа и никогаш не завршуваа проекти за кои се трошеа огромни пари кои завршуваа во функционери на или блиски до ДПМНЕ. Ги охрабруваме граѓаните на кои им се загрозени правата од багерите на Коњановски да побараат правна заштита. Градоначалникот да престане да ги заплашува и да врши притисок, да го почека исходот од постапките за денационализација, па нека гради не еден, туку пет паркови низ Битола.