АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Советниците од владеачката ВМРО-ДПМНЕ во Битола денес гласаа против сите завршни сметки на 18 основни и средни училишта во општина Битола. Партијата која пред четири години ги остави училиштата во долгови, а нивните советници ги гласаа негативните завршни сметки, сега кренаа рака против завршните сметки на училиштата кои имаат позитивно салдо, а во изминатиот период беа и реконструирани. На чело на училиштата се директорски кадри кои беа поставени пред неколку години кога СДСМ беше локална власт.
Од 2018 до 2021 година во градот немаше училиште каде не се изведуваа реконструктивни зафати. Се санираа тоалети, покриви, фасади, се обновуваа спортските терени, се менуваа врати и прозорци, се поправаа тавани, кабинети… За три години беа вложени 221.532 евра во 11 основни и пет средни училишта.
Тоа е сосема спротивна слика на обраозвните инстутуции до 2017 година кога локалната власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, а долгот изнесуваше 4,3 милиони евра, па владата на СДСМ мораше со финансиска инјекција да ги покрие долговите од претходната власт за да се создадат услови за непречен образованиот процес зашто дел од училиштата завршија со исклучена струја.
Иако завршните сметки доставени до Советот за 2021 година се позитивни и нема долгови, ВМРО-ДПМНЕ гласаше против. Советниците на СДСМ обвинија дека ова се притисоци врз директорите на училиштата зашто локалната влaст сака да ги разреши, а од ВМРО-ДПМНЕ рекоа да не се генерализираат работите зашто и во нивно, а и во време на СДСМ, има добри и лоши директори, но сепак гласаа против сите.
И со вакво гласање, завршните сметки на 14 училишта беа усвоени, освен на „Тодор Ангелевски“, „Климент Охридски“, „Ѓорги Сугарев“ и „Александар Турунџев“- Кукуречани.
Во гласањето ВМРО-ДПМНЕ остана сам зашто Левица и Поинаку гласаа „за“ завршните сметки, со исклучок на 3 училишта за кои и „Поинаку“ гласаше против зашто директорите не дошле на Комисијата за финансии да дадат одговор на прашањата што претседателката на Советот сакала да ги постави, а ги немало во материјалите.