АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ЈУ Националниот парк Пелистер-Битола ги отпочна работите за изградба на Авантуристички парк на Пелистер. Паркот ќе се гради преку проект за прекугранична соработка на Северна Македонија со соседна Република Грција.
Паркот ќе биде сместен на локација над вилата „Седум Кладенци“ или меѓу народот попозната „Вилата на Лазо“, каде сега е сместен Инфо центарот на Националниот парк, на надморска височина од околу 1.400 метри, односно на површина која се протега до под хотелот „Молика“.
Првиот човек на НП Пелистер-Битола, Осман Шукриу нагласува дека локацијата избрана за авантуристичкиот парк е зона на одржливо користење за што претходно е изработен елаборат.
Всушност, според плановите Авантуристичкиот парк ќе биде место каде се најдат и авантуристи и семејства, и пријатели, спортисти, рекреативци, сите оние кои сакаат да бидат исполнети со позитивна енергија на кои дружењето, забавата и рекреацијата им се смислата на животот, велат од Паркот.
Во тек се два тендера за изградба на паркот, едниот се однесува за изведба на градежните работи, а другиот на маркетингот.
„Ќе направиме нешто убаво за битолчани, за жителите од поширокиот регион за развој на туризмот со привлекување на странски туристи, зашто знаеме дека Националниот парк Пелистер има голем потенцијал да стане атрактивна дестинација за авантуристички туризам. Во тек е реализацијата на проектот за изградба на паркот, место каде посетителите ќе можат да го ослободат својот авантуристички дух, со содржини за сите возрасти и за секоја физичка форма. Ќе имаме инсталации на зип линија, патека за качување по карпи или виа-ферата, и авантуристички сет на алатки за сите возрасти. Паркот во исто време, ќе креира нови туристички производи и ќе остави простор за отворање нови работни места. Бенефитот ќе биде повеќекратен и за нас како установа и за градот Битола и воопшто за државата“, потенцира директорот на НП Пелистер-Битола, Осман Шукриу.
Јавната установа Национален парк-Пелистер Битола е трет партнер во проектот „Авантура преку границите“ со акроним-advenTOUR кој се спроведува во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка Република Грција-Република Северна Македонија, 2014-2020. Овој проект е кофинансиран од Европска Унија и од Националните фондови на земјите учеснички. Вкупен договорен буџет на проектот изнесува 653.670 евра, а додека вкупниот буџет за НП Пелистер е 203.500 евра.
Во големите планови, Пелистер да добие Авантуристички парк е вклучено и Министерство за локална самоуправа, со заложби на досегашниот битолски министер Горан Милевски. Министерството се јавува како ко-финансиер со поддршка од 15 проценти од вкупната сума за изведба на проектот.
„ЈУ Национален парк Пелистер се самофинансира и тоа пред се од продажба на дрва, санитарна сеча, немаме владина помош иако инсистираме и го бараме тоа. Затоа за исплата на нашиот дел од финансиската конструкција на паркот побаравме средства како еден вид позајмица од Владата и од Општина Битола. Средствата што треба ние да ги исплатиме реално ни претставуваат товар во делот на финансиското работење, но засега имаме позитивни сигнали и од државно и од локално ниво дека ќе ни излезат во пресрет, барем во еден дел“, напоменува директорот Шукриу.
Идејата за Авантуристичкиот парк на Пелистер има и една друга димензија воспоставување нови и зацврстување на веќе постојните релации на меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Република Грција. Така во мај годинава, во Солун се одржа т.н. Kick off или стартен состанок на менаџмент тимот на проектните партнери за проектот. Состанокот на кој присуствуваше директорот Шукриу, се одржа во просториите на Водечкиот партнер YMCA, а на истиот беа договорени следните чекори за реализација на проектните активности, со кои ќе се создаде Авантуристички парк.
Изградбата на паркот на терен се очекува да отпочне за брзо време, пред Нова година, а да заврши кон средината на следната година. Анета Блажевска