АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Битола се одбележа голем јубилеј, 40 години од производството на првите киловати електрична енергија од РЕК Битола, во присуство на гости од различни сфери на економскиот и општествениот живот, и високи владини претставници.
Термоелектраната на Рударско-енергетскиот комбинат беше синхронизирана со системот во далечната 1982 година, ноќта меѓу 4 и 5 ноември.
РЕК Битола останува темелот на електро-енергетскиот систем на нашата држава, рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на свеченоста, кој нагласи дека за жал во изминатите 30 години од страна на сите политички елити пропуштено е времето за стратегиско делување во енергетиката, и од тие причини денес се соочуваме со енергетската криза потпирајќи се на постоечките капацитети, стари по 40 и 50 години.
,,Енергетската трансформација на РЕК Битола и преминувањето од производство на електрична енергија од јаглен кон производство на чиста енергија од обновливи извори и од гас, ќе оди постепено и со план, во фази кои ќе дозволат енергетски безбедна и социјално праведна транзиција.
Гасната електрана со капацитет од 250 до 400MW и четири фотонапонски електрани од вкупно 280MW кои ќе се градат во кругот на РЕК Битола,ќе треба да ги заменат трите блока од термоелектраната.
Во следната една деценија транзицијата треба да биде завршена, производството да биде префрлено на чисти извори, а вработените преквалификувани, обучени и подготвени за оперирање на новите капацитети.
Манипулативни се неодговорините изјави и заплашувања на одредени политичари за брзо, непланирано и штетно затворање на РЕК Битола. Тоа ниту е можно, ниту ќе се случи”-рече Ковачевски.
Генералниот директор Ковачевски изрази благодарност за подрршката до Владата, премиерот и економските министери, како и благодарност за ангажманот на вработените во услови на енергетска криза.
,,Менаџментот на АД ЕСМ и на РЕК Битола во изминатите неколку години вложи дополнителни напори за подобрување на условите за работа во комбинатот. Набавена е нова сопствена современа механизација за ископ со која работат вработените во вредност од 26 милиони евра, во тек е набавка на нова механизација и опрема за уште 14 милиони евра, во во 2023 година ќе продолжи инвестирањето во опрема и механизација, набавени се нови еко автобуси за превоз на работниците за 1,6 милиони евра, нови возила за превоз низ рудникот, воведен е бесплатен оброк за вработените, во тек е враќање на мензата и топлиот оброк, и уште многу други мерки, затоа што сме свесни за тежината на нивната работа”-рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски..
Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски, повика на минута молчење за да им се оддаде почит на работниците кои низ гдините ги дале соите животи на работното место во РЕК Битола.
,,40 години откако комбинатот започна да произведува домашна, македонска електрична енергија, повторно е исправен пред предизвикот да понесе огромен дел од товарот на енергетската криза во која се наоѓа државата. Иако скоро средовечен и со скоро една деценија повеќе живот отколку што беше проектиран, РЕК Битола мора да продолжи стамено. Затоа, без разлика на дотраените постројки, пумпи или цевки, во првите девет месеци од годинава РЕК Битола го зголеми своето производство за 30 проценти во однос на истиот период лани. Во услови на енергетска криза, РЕК Битола одговори со единственото нешто што од него се очекува – да произведува повеќе домашна струја која достигна вртоглави цени на берзите. Во комбинатот се изведуваат техничко – технолошки операции кои ги нема ниту во книгите. Се интервенира брзо и ефикасно, се санираат
Дефекти кои се појавуваат на дотраената опрема, се штеди секоја минута со цел – зголемено производство на електрична енергија”-рече Матевски.
Намалени се трошоците за производство на мегават струја, намалени се трошоците за ангажирање на помошна махенизација, намален е и бројот на вработени на сите работни позиции и тоа е еден сериозен предизвик со кој се соочуваме периодов. Особено, ако се има во предвид фактот што наскоро со работа треба да започне новиот рудник Живојно, рече директорот Матевски.
Одбележувањето на јубилејот 40 години од производството на РЕК Битола се одржа со манифестација во Центарот за култура во Битола, во присуство на многу гости, а пред настанот премиерот Димитар Ковачевски го посети РЕК Битола