АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Ова за мене е прилично емотивен момент зашто поминаа нецели пет години од заминувањето на Горан Стефановски и до скоро немав никаква сила ни да давам изјави, нити да правам било што во негова чест“, рече македонскиот музички виртуоз Влатко Стефановски на маестралниот и емотивен концерт што по повод 71. година од раѓањето на брат му, врвниот македонски драматург Горан Стефановски (1952-2018), го одржа во негововиот роден град Битола, во Офицерскиот дом.
„Меѓутоа, помина некое време и сега можам да се обратам на јавноста на ваков начин. Инаку, одамна имав желба да настапувам во овој прекрасен амбиент што го нема никаде на друго место во Македонија, овој Офицерски дом во Битола“, рече Влатко.
Тој во чест на брат му, кој почина пред неполни пет години, ја отсвири „Јано мори, севдалино“, за која рече дека му била омилена песна од македонските староградски. Пееше и свиреше песни од „Битлси“ зашто, како што рече, Горан бил можеби еден од најголемите обожаватели во светот на овој британски култен бенд. Потоа свиреше песни од Боб Дилан, како и свои инструменталки, македонските народни песни „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, хитовите „Џипси сонг“, „Чукни во дрво“.
„Веројатно луѓето од театарот, уметноста и културата знаат дека мојот сакан брат Горан Стефановски е роден во Битола, но не верувам дека пошироката јавност знае. Скопје и Општина Центар му оддаваат секоја година чест со скулптурата што е поставена во Дебар Маало. Но, ете уметнички да го одбележиме неговиот спомен и неговото родно место Битола“, рече Влатко.
Составен дел од одбележувањето на настанот кој требаше да биде 71.роденден на Стефановски беше и настапот на актерот Борис Чоревски, кој евоцираше спомени од детството кога со Горан живееле под ист покрив на улицата Београдска број 5 во Битола.
„Нашите татковци беа меѓу основачите на македонскиот народен театар. Во 1945 година, од тогашната власт неколку актери беа пуштени во театарите низ Македонија. Татко ми и чичко Мирко Стефановски дојдоа во Битола со своите сопруги и живееја во иста куќа. По неколку години, чичко Мирко и тека Наде заминаа за Прилеп во Прилепски тетар, каде таткото на Горан и Влатко беше директор, потоа заминаа за Скопје. Можеме да кажеме дека нашите две фамилии ја обединуваат Македонија. Татко ми е велешенец, а мајка ми штипјанка, брат ми роден во Велес, а јас во Скопје, а живеам во Битола. Истото се случува и со Стефановци. Горан е роден во Битола, чичко Мирко беше од Скопје, а тетка Нада е битолчанка“, рече Чоревски.
Спомените за Горан Стефановски, наречен уште и македонски Шекспир, ги заврши неговата мисла: „Не можете вие од мене да барате да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век, минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас“, рече Чоревски.
Организатори на концертот беа „Божиновски часовници“
Ж. З.