Стручното жири во состав:
Нина Мазур, Николај Урумов и Сашко Коцев на овогодинешниот фестивал на монодрама ја донесе следната одлука за наградите :
За најдобра режија -
Хорхе Лопез и Пати Доминик за претставата “Крвава свадба” од Шпанија. Наградени се за
богат режисерски израз и концепт кој плени со многу симболи кои ја збогатија актерската игра, делото на Лорка и воопшто самата претстава. Силни изразни средства подкрепени со шпанскиот немирен дух и прекрасните зборови на Лорка и актерските вештини на актерката Марија Видал
Најдобро актерско остварување –
Салваторе Арена,за улогата во претставата “Како мало зрно песок” од Италија.Награден е за
одличното актерско остварување, кое со својот широк спектар на емоции ја освои едногласно и публиката и членовите на жири комисијата. Неговите емоции танцуваа, се возеа по малите улички на Италија, беа младешки, бунтовнички,страдални и секако вистински во секој момент од претставата. Неговата насмевка не` зграпчуваше за грло, а неговото страдање од неправдите кон ликот ни предизвика вистински гнев. Ослободувањето на ликот,беше ослободување за сите нас.
За најдобро остварување во целост, Гран При на фестивалот е прогласена претставата “Кој сум јас”, автор и режија: Б.Батделгер, актер : Јанјиндулам Рагкасурен од Монголија. Тоа е претстава која жирито ја доживеа буквално како нотите отсвирени на една харфа, нежна ,емотивна, тивка и кревка. Актерскиот израз беше универзален и разбирлив и немаше никаква јазична бариера.Секој збор беше симфонија од чувства ставен во режисерскиот концепт кој беше суптилен и ненаметлив. Една тешка тема од човековото секојдневие,без никаква патетика, преточена во ова театарско остварување.
Според гласовите на публиката, најдобра претстава беше “Како мало зрно песок” од Италија, оваа награда ја доделува Општина Битола.