АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во изминатиот период од 15 години, над илјада волонтери поминале преку програмите на Младинскиот културен центар од Битола за промовирање и поддршка на волонтерството во градот, вели извршниот директор на МКЦ Битола, Златко Талевски.
Четири главни цели за развој на волонтерството во Битола доминираат за наредните 4 години содржани во Стратегија за развој на волонтерството во општина Битола 2023 – 2026 година, во организација на Младинскиот културен центар – Битола.
-Правата цел е промоција на волонтерството кај пошироката јавност, промовирање на волонтерството на локално ниво, промовирање на волонтерството во образованиот систем и унапредување на институционалната поддршка на волонтерството, односно зајакнување на улогата на Локалниот совет за волонтерство, наведува Талевски.
Различни се мотивите за волонтирање на битолчани.
-Нашите волонтери се претежно млади луѓе кои од различни мотивации се вклучиле во нашите волонтерски програми, некои сакаат да помогнат во заедницата, некои да стекнат нови вештини, да ја унапредат својата кариера, да помогнат некому, но секоја мотивација за нас е легитимна. Има интерес од младите битолчани за вклученост во волонтерството, а сите граѓански организации треба да работат на понудата. Волонтери има, заинтересирани има, само од нас се бара да бидеме покреативни во понудата за волонтирање на младите, смета Талевски.
МКЦ работи на идејата волонтирањето да стане култура на живеење во заедницата, за што во соработка со општина Битола и Локалниот волонтерски совет на Општина Битола, во ноември 2022 година започна иницијатива за партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за нашиот град.
-Процесот започна уште во ноември, партиципативен, со вклученост на сите засегнати страни-граѓански организации, училишта, институции, општинската администрација, советници во Советот на Општина Битола. Имавме работна група која подготви предлог текст, консултативни форуми, нови мерки во акциониот план и финализирање на документот усвоен од Општина Битола и денес испечатен официјално го промовираме, вели Талевски.
Општина Битола е прва што има ваква стратегија и прва што има Локален совет за волонерство што е консултатитен орган на Советот на Општина Битола. Од тука, Талевски порачува -Обединети се сите кои работат на полетот на волонтерството, секој си има свои одговорности, мерки и задачи. Зголемување на бројот на волонтери, на волонтерски акции, програми, се со цел подобрување на квалитет на живот во Општина Битола.
Проектот „Време е за волонтирање“ е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата" финансиран од Европската Унија.