2win800x200

Почнуваат „Илинденски денови” во Битола, за првпат грчки етнолог ќе предава на семинарот за традиционална музика и игра

Јули 19, 2023

Грчкиот учител и истражувач на традиционални танци Јанис Константину ќе биде предавач на Семинарот за традиционална музика и игра што годинава по 15. пат ќе се одржи во рамките на 52. Интернационален фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој почнува вечерва. Стартот е со проекции од Етнографскиот филмски фестивал, а ќе трае до 31 јули. Константину, кој доаѓа од Лерин (Флорина) е првиот грчки експерт од оваа област кој како стручен предавач се вклучува во фестивалот. Во претходните изданија учествувале само фолклорни групи од Грција.

 

„На семинарот ќе бидат опфатени ората, песните и инструментите од брсјачката етнографска целина, тоа е југозападниот дел на Македонија, во неа спаѓаат и Битола и Битолско. А Константину е истражител на традиционалната култура од Грција, ќе зборува за ора, обичаи, за културата на Грција за разликите и сличностите меѓу нашата и нивната култура, а се во склоп на играта и песната“, рече Љупка Стефановска, дел од тимот на Центарот за култура од Битола што ги организира „Илинденски денови“.

 

Со ова Семинарот станува интернационален, а стручен презентација ќе има и претседателот на Јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ, Енрих Мердиќ.

Директорката Маја Андоновска-Илијевски рече дека покрај оф-програмата со филмскиот фестивал, кој започнува вечерва, официјалниот старт на „Илинденски денови“ е на 26 јули со Дефилето низ Широк Сокак каде учествуваат групи од осум земји: Хрватска, Ирска, Италија, Мексико, Чиле, Грузија, Бугарија и Србија, а и играорци од цела Македонија ќе се слеет во Битлаа. Свеченото отворање е со изведба на орото Комитско и настап на играоци, за првпат годинава со променета локација од Ракометното игралиште на платото на Офицерскиот дом.

„Илинденски денови“ ќе понудат 65 настани, меѓу кои и три доста оригинални изложби. Според Валентин Соклевски, стручен соработник за фолклор, едната е со фотографии од фондот на Манаки, на која ќе бидат прикажани за првпат одредени носии, посебно од Битолско, втората е „Везовите од Македонија“ и третата јубилејна изложба на копаничарите.

Во филмскиот фестивал селекторот Тони Галмечевски од 200 пријавени филмови одлучи да бидат прикажени 21, меѓу кои и два стари македонски документарци „Австралија, Австралија“ на Столе Попов за првата генерација на емигранти и „Мајка“ за животот на Ромите.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани