2win800x200

Граѓански патриотизам наспроти параноичен национализам

Септември 05, 2023

Тони ПОПОВСКИ

Последното издание на угледниот и влијателен седмичен магазин „Економист“ е насловено „Како параноичниот национализам корумпира“ и проследено е со тематски осврт на уредникот како и подолг и сеопфатен – аналитички  прилог насловен „Како циничните лидери камшикуваат со национализам за да победат и да ја злоупотребат моќта“.

Сублимирано, магазинот потсетува дека во 19-тиот и 20-тиот век луѓето имале поттик да ја бараат својата слобода од империјалните престолнини во далечните земји создавајќи свои национални држави, но и дека љубовта кон „нас“ има грд роднина: стравот и сомнежот кон „нив“ односно параноичен национализам кој работи против толерантни вредности како што е отвореноста кон поинаквите од нас и новите идеи. Притоа констатирајќи дека циничните политичари сфаќаат дека денес можат да го искористат овој вид на национализам, со тоа што ќе ја подигнат недовербата и омразата и ќе ги искористат сентиментите за себе и за своите пријатели: „Користејќи параноичен национализам, паразитските политичари ги ловат стравовите на своите граѓани и го деградираат глобалниот поредок, сето тоа во потрага по сопствената моќ.“ Магазинот продолжува со објаснување дека параноичниот национализам функционира како мешавина на претерување и лаги, давајќи примери на однесување на лидерите на Русија, Индија, Тунис, Никарагва, но и на Унгарија. Во продолжение е појаснета техологијата на разгорување на националистичкиот жар, со цел самобендисаните лидери да можат полесно да ја освојат власта и, откако ќе дојдат на функцијата, да можат да го одвлечат вниманието на јавноста од нивните злоупотреби со повикување на наводните непријатели кои инаку би ги држеле под контрола. На крај и поентата, дека поважната улога на параноичниот национализам е да послужи како алатка за разбивање на контролите и рамнотежите што го поткрепуваат доброто владеење како што е слободниот печат, независните судови, невладините организации и опозицијата.

Во вториот – аналитички прилог, „Економист“ ги аргументира овие ставови со показатели од Глобалниот Индекс на либерални демократии за 2022 (со податоци и анализи заклучно крајот на 2021) на институтот Varieties of Democracy (V-Dem). Овој институт ја произведува најголемата глобална база на податоци за демократијата со над 30 милиони податочни единици за 202 земји, мапирани и анализирани од страна на 3.700 научници и експерти. Притоа се мерат стотици различни атрибути на демократијата. Во продолжение неколку клучни наоди.

Во ЕУ има неколку држави кои се неодамнешни поттикнувачи на демократијата. Малта, Романија и Словачка забележале значителни подобрувања во периодот 2018 – 2021 година. Молдавија и Украина исто така се вклучени меѓу листата на врвни поттикнувачи на демократијата. Сепак, шест од 27-те земји-членки на ЕУ се автократизираат, а меѓу нив се Унгарија и Полска – врвните автократизатори во светот во последната деценија. Унгарија се претвори во изборна автократија во 2018. Негативен тренд е нотиран и во Словенија (која го пресретна со последните избори) Хрватска, Чешката Република и Грција. Покрај тоа, во истражувањето се констатира дека соседите на ЕУ на источното крило стануваат се поавтократски. Три од нив се автократизирани во последната деценија. Турција сè уште е еден од врвните автократизатори, класифицирана како изборна автократија во 2013, а Србија е оценета како врвен автократизатор односно изборна автократија од 2014. Во Белорусија состојбите се влошени со засилување на режимот и репресијата по оспорените избори во 2020 година.

Можеби и најзначајната порака од последната публикација на Индексот, а која е особено релевантна за состојбите кај нас, е дека ПОЛАРИЗАЦИЈАТА И АВТОКРАТИЗАЦИЈАТА ВЗАЕМНО СЕ ЗАЈАКНУВААТ. Научниците од Институтот предупредуваат дека кога поларизацијата во општеството се развива до токсични нивоа, демократијата обично се укинува. Научна потврда за ова тврдење е зголемената поларизација која е проследено со намалување на индексот во сите топ 5 автократизирани земји: Бразил, Унгарија, Полска, Србија и Турција.

Што се однесува до нашиот регион (наши соседи и нивни копнени соседи) во топ 10-20% (од 202 држави) останува Грција (36 место), иако е единствената од регионов во групата на ЛИБЕРАЛНИ ДЕМОКРАТИИ. Следи група на ИЗБОРНИ ДЕМОКРАТИИ: во топ 20 – 30% се Романија (44), Хрватска (46) и Словенија (48); во топ 30 – 40% е Бугарија (56) и потоа во топ 40 – 50% е Македонија (85) заедно со Косово (79), Албанија (82) и Црна Гора (86). БиХ (94) е во групата на изборни демократии, но заостанува во рангирањето. ИЗБОРНИ АВТОКРАТИИ се Унгарија (91), Србија (111) и Турција (147).

Македонија од 2020 до 2021 напредува на овој индекс, но неодминлива е констатацијата дека сме на опашката на групата на ИЗБОРНИ ДЕМОКРАТИИ и дека лесно може да транзитираме во “изборна автократија“ бидејќи го имаме и тоа искуство и не сме ослободени односно недоволно превенираме такви нагони. Нашето позиционирање во клучните индекси низ кои се мери степенот на демократија, најдиректно го опишува нашето европско и цивилизациско рамниште, како држава, како општество со целокупниот човечки потенцијал, но и политичката класа со која располагаме.  Напредок на овие индекси подразбира јасна и цврста определба за градење на вистинска либерална – слободарска демократија и давање на решителен отпор на сите обиди за транзитирање кон изборна автократија или уште полошо, кон супресирање и конечно укинување на демократијата и премин во целосна автократија.  

Целиот текст https://racin.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани