АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Можностите и предизвиците на младите за вработување и започнување на бизнис во Р.С.Македонија“ беше насловот на темата, на која учениците од општествено-хуманистичкото подрачје од Гимназијата „Јосип Броз-Тито„ - Битола, имаа можност да учествуваат во симулација на економско - социјален совет и да ја разработат истата од различни аспекти. Активноста се одржа во просториите на Студентскиот информативен центар УКЛО и беше реализирана како интегриран час по економските предмети, кои се изучуваат во Гимназијата, во организација на професорките Фанија Наумовска и Мирјана Лозановска и истата беше поддржана од Универзитетот "Св. Климент Охридски"- Битола, како резултат на долгогодишната соработка која се негува меѓу овие две институции..
Целта на оваа активност беше да се реализира наставата на малку поинаков начин, кој ќе овозможи поголема вклученост на учениците во содржините, но и да им се даде можност да го искажат своето мислење, по однос на важно прашање, кое ги засега подеднакво сите субјекти во државата.
Имено, учениците беа поделени во четири групи (Млади, Образование, Бизнис сектор и Државни институции) и секоја група влегувајќи во улогата што и беше доделена, го истражуваше прашањето за можностите за вработување и самовработување и улогата што секој од секторите ја има во тоа. На крајот, резултатите од истражувањето, надополнети со свои предлози за зголемување на можностите, а намалување на пречките за вработување и отпочнување на сопствен бизнис, беа презентирани пред гостите: професор д-р Снежана Саламовска, редовен професор на Економски факултет во Прилеп, Симона Василевска претставник од компанијата Јавен Адвертајзинг и Славица Грујо претставник на АВРСМ, кои со споделување на нивните искуства, информации и препораки не само што го збогатија овој настан, туку придонесоа за отворање на нови видици за иднината на младите и можностите за нивен придонес во економскиот развој на државата.
-Во услови кога земјата се соочува со сериозен демографски пад, население што старее и млади кои заминуваат од државата, се надеваме дека на овој начин успеавме барем малку, да поттикнеме една мала група на млади луѓе, да размислат како можат да придонесат за својата земја и да создаваат иднина во Македонија, сметаат професорките Фанија Наумовска и Мирјана Лозановска од Горната гимназија.