АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Одлично се вклопија лицата со интелектуална попреченост и децата од одделенска настава од редовните училишта играјќи ја театарската претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски. На сцената на Народниот театар од Битола тие без едно, се надополнуваа меѓусебе и си помага. Ликовите на Ленче, Бошко, Велика, Трајко, Евра беа распределени меѓу двете групи. Ова беше голем чекор за секоја од нив зашто на сцена беше поставена скоро цела драма, а претставата траеше околу еден час. Театарскиот проект го подготви Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола, а претседателката Јулијана Трајчевска беше и режисер и сценарист.
„Со овој настан го одбележавме Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Целта беше недискиминација , инклузија и вклучување на лицата со попреченост преку изразување на своите можности во секојдневниот живот. Лесно и брзо со максимално вложување успеавме сите заедно да дојдеме до крајната цел. За учесниците ова беше ново доживување, нов свет, нови другарства. Беа напорни поготовките, но успеаја лицата со интелектуална попреченост и децата од редовните училишта, многу лесно го совладаа текстот, сценските движења и заслужуваат да ги наречеме актери“, вели Трајчевска.
Во подготовката на претставата учествуваа и наставничките- менторки Весна Гагаловска и Лидија Поповска со ученици од основните училишта „Тодор Ангелевски“ и „Трифун Пановски“, средношколци од Државно музичко училиште Битола со менторот професор Александар Грујовски и ансамблот „Плетенка“ и Народниот театар од Битола.
„Секојдневно ја спроведуваме инклузијата, ја применуваме во наставата, секојдневно разговараме за да се прифатат различностите за да се разберат, а вака во пракса тоа е на едно повисоко ниво. Учениците со воодушевување прифатија да работата со лицата со попреченост. Во текот на пробите и долгогодишната соработка што ја имаме со Порака, учениците не ги гледаат лицата по нивната попреченост, гледаат кое лице што може да направи, кои активности може да ги реализира, а она што не може тие го надополнуваат. Едно се лицата со попреченост и учениците“, вели наставничката од одделенска настава Весна Гагаловска од ОУ „Тодор Ангтелевски.
Таа испрати порака до сите:„Колку повеќе се вклучени лицата со попреченост во секојдневието, толку повеќе тие ќе се чувствуваат како дел од нас да бидиме сите исти и еднакви“.
Ж. Здравковска