Платото кај Офицерскиот дом беше претесно да ги собере стотиците бадникарчиња, заедно со нивните семејства, кои беа дел од големата Бадникова поворка, чиј старт беше на оваа локација.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, беше во публиката на платото, каде што заедно со граѓаните, ги проследи настапите на Бадникарите, кои ја изведоа песната „Вечниот Бог“, како и настапот на членовите
на КУД „Илинден“, кои изведоа сплет од градски приказни и ја збогатија денешната празнична свеченост.
Поворката продолжи по Широк Сокак, а на плоштадот „Магнолија“ уште еднаш беше изведена „Вечниот Бог“, по што се упатија во црквата „Св. Великомаченик Димитриј“.
На крајот, бадникарчињата ја посетија општина Битола каде беа пречекани од градоначалникот Тони Коњановски. Децата од Бадниковата поворка добија скромни подароци од градоначалникот, кој во оваа пригода истакна:
„Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие. Општина Битола денес покажа дека оваа традиција е блиска до народот, особено до најмилите и најмладите, кои од мали ги учет вредностите и тие ќе ги запазуваат и применуваат во иднина.
Најголем подарок, за мене беше доаѓањето на најмилите од Бадниковата поворка во општина Битола, каде што заедно под украсената елка, пеевме, се радувавме, а преку скромните подароци ја запазивме вредноста на дарувањето во овие богати со љубов, празнични денови.
Чест и задоволство беше да се гледаат детските насмеани лица и да се биде дел од традицијата на Бадниковата поворка, преку која уште еднаш сите заедно, ја покажавме нашата љубов кон Бога и вистинските вредности на нашата вера.
Нека ни е за многу години денешниот предвесник на Христовото раѓање Бадник, а со љубов и радост во срцата, да го дочекаме утрешниот ден, денот на Христовото раѓање, Божиќ. Да си подадеме рака на доверба, почит и љубов“, рече Коњановски.