2win800x200

Преку ЕУ фондови набавен нов камион за собирање на отпад и комунална опрема во вредност од 82.750 евра

Јануари 10, 2024

Денес, во дворот на Општина Битола, се одржа прес-конференција по повод активноста на Општина Битола во рамки на проектот “БАИР-Здружена Акција на Битола за вклучување на Роми”, финансиран од Европската делегација и имплементиран од италијанската невладина организација-COSV, Општина Битола и ПРЕДА плус Фондација.

Можно е да е слика од 3 луѓе и текст

Преку овој проект Општина Битола набави камион за отпад со мала големина и останата комунална опрема во вредност од 82.750 евра. Набавената опрема е наменета за ефикасно собирање на комунален отпад и одржување на јавните простории во населба Баир во Битола.

Локалните власти и граѓаните истакнуваат дека оваа инвестиција преставува решение на долгогодишен проблем во населбата, каде што собирањето на отпад беше ограничено поради географските и просторни предизвици. Се очекува се дека оваа иницијатива ќе има значителен позитивен ефект врз квалитетот на живот во населбата Баир и ќе послужи како пример за подобрување на комуналната инфраструктура во други слични области.

„Еден од главните предизвици, поради структурата на населбата Баир е собирањето на комуналниот отпад, одржувањето на јавните површини, како и хортикултурното уредување. Набавениот камион за собирање на смет со помали размери, кои одговараат на структурата на улиците во населбата Баир, како и помошните алати и делови, денес ќе бидат предадени на Јавното претпријатие Комуналец, кое понатаму ќе ги користи, со единствена цел, ефикасно собирање на отпадот од оваа населба и одржување на јавните површини. Претходно, на денешната активност и претходеше и одлука од Советот на општината, со која опремата е дадена на користење и употреба на ЈП Комуналец за сервисирање на потребите на граѓаните Роми во населба Баир. На овој начин, како локална самоуправа, покажуваме дека секое населено место во градот и околината, во рамките на нашата општина ни е важно. Ги слушаме потребите на граѓаните, постојано сме во активна комуникација и се трудиме во рамките на можностите, да ги надминеме заеднички предизвиците и да ги задоволиме потребите на локалното население.

416357036 865045131969233 4751626879956889955 n

Преку овој проект, да напоменеме дека во населбата Баир се имплементирани и други активности, кои исто така имаат свој бенефит, особено за ромското население. Со проектот „Баир“, опфативме и реконструкција на улиците „Струшка“ и „Сутјеска“, со вредност од над  5,5 милиони денари,

За нас, како локална самоуправа е особено важно што наидовме на соработка со локалното население, со кое заеднички полесно и подостапно се реализираше проектот Баир. Очекувам и во иднина да бидат реализирани уште многу проекти за добробит не само на локалното ромско население, туку и за жителите на сите населби кои што живеат во субстандардни услови“, рече градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски.

Камионот за отпад претставува клучен дел од оваа инвестиција и ќе овозможи ефикасно и брзо собирање на комунален отпад во овој дел на градот. Со неговата мала големина, специфично проектирана за овој контекст, преставува одлично решение за движење во тесните улички, каде што претходно беше предизвик за големите комунални возила.

Освен камионот, проектот вклучува и пет тримери за трева и една косилка, со што ќе се подобри уредувањето и одржувањето на јавните простории во населбата Баир. Оваа опрема не само што ќе придонесе кон подобрување на комуналната инфраструктура тука, туку и ќе креира подобри услови за секојдневниот живот на локалната заедница.

“Со задоволство би сакал да истакнам дека проектот БАИР со своите активности дирекно влијае на квалитетот на живот на маргинализираните заедници, особено во населбата Баир. Благодарни сме што активностите во овој проект не само што го идентификуваа секојдневниот предизвик со кој се соочуваат граѓаните на оваа населба, туку и понудија реални решенија. Новиот набавен камион за собирање на отпад и  комунална опрема ќе придонесат во подобрување на комуналната инфраструктура во нашиот град и ќе создадат подобри услови за секојдневниот живот на локалната заедница во населба Баир. Во  следниот период, до крајот на месец март 2024, предвидуваме реализација на следниве активности:

  • Поставување на 18 клупи на различни локации во населба Баир.
  • Поставување на 8 контејнери за подобрување на системот за одвојување и собирање на отпад.
  • Обновување на постоечките клупи кај месната заедница "Димитар Влахов" и поставување на корпи за отпадоци.
  • Чистење на веќе идентифицираните диви депонии во населба Баир.

Овие активности се дел од нашата посветеност кон подобрување на животот во нашата заедница и создавање на чиста и безбедна околина“, истакна  Горан Степановски, директор на ЈП Комуналец

Проектот ““БАИР-Здружена Акција на Битола за вклучување на Роми”, е структуриран со цел да го помогне и промовира социо-економскиот развој како и да ја подобри вклученост на ромската заедница што живее во населбата Баир. Освен оваа активност, во изминатите три години, преку овој проект преземени се бројни активности  за подобрување на квалитиетот на живот на ромската заедница, од кои најзначајни се: реновирањето на 26 куќи на ромски домаќинства во населба Баир, изработката на 12 влезни документи за Генералниот урбанистичи план  на Битола и изработката на трите Детални урбанистички планови за населба Баир.

Паралелно со активностите за урбана надградба, преку проектот се имплементираа и активности за социјална интеграција, култура и спорт.

“Проектот „БАИР- здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“ ја заокружува тригодишната имплементација, континуирано реализирајќи ја темелната заложба за инклузивност и сеопфатен развој на ромската заедница. Од клучно значење во нашиот пристап не е само да обезбедиме решенија, туку да ги дизајнираме заедно со заедницата. Преку инклузивни и партиципативни консултативни процеси,  повеќе од 100 жители на Баир се вклучија на пет инфо-средби од јавен карактер во 2022 година, нагласувајќи го проблемот со собирањето на отпадот и недоволниот број контејнери во населбата.

Општина Битола сензибилизирана за овој проблем, во соработка со проектот, ја изврши набавката на камионот и останата комунална опрема како значаен чекор кон решавање на идентификуваниот проблем. Освен проблемот којшто го решаваме, жителите посочуваат и на потребата од реконструкција на улиците и легализација на објектите. Овие се проблеми на коишто работевме во соработка со Општина Битола изминативе три години и на кои треба да продолжи да се работи во континуитет.

Проектот вреден над 900 илјади евра, се реализира со приближно 800 илјади евра средства од ИПА II фондовите на ЕУ, а остатокот средства се ко-финансирање на партнерите во проектот” рече Климентина Ѓорѓиоска, проектна менаџерка на „БАИР-здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани