Регулаторната комисија за енергетика ги излажа граѓаните дека со воведувањето на фиксната мрежарина нема да се покачат сметките за електрична енергија, тврди универзитетскиот професор д-р Дејан Трајковски од Теничкиот факултет во Битола кој ги следи состојбите во енергетскиот сектор.
Интегрален текст од анализата на професорот Трајковски
Пред крајот на минатата година РКЕ (Регулаторната комисија за енергетика) ја извести јавноста дека од 1.1.2024 година се воведува фиксен дел од мрежарината, чие влијание врз висината на сметките за електрична енергија наводно ќе било компензирано преку намалување на варијабилниот дел од мрежарината. Освен тоа, беа наведени процентуалните зголемувања и намалувања во разни тарифни групи од високата (ВТ1...ВТ4) и ниската тарифа
(НТ).
Клучниот збор е „процентуални зголемувања“, додека апсолутните зголемувања и новите цени не беа дадени. Со тогаш дадените процентуални зголемувања и намалувања тогаш имав извршено симулации за висината на сметките при разни нивоа на потрошувачка, при што сметките според стариот и новиот модел навистина изгледаа приближно исти. Поточно, при потрошувачка до 470 kWh/месец новиот модел требаше да даде поголеми сметки, а при потрошувачка над 470 kWh/месец новиот модел требаше да даде помали сметки.
Но, дојде време на веб сајтот на РКЕ (
https://www.erc.org.mk/page.aspx?id=287 ) да ги видиме новите цени , а на крајот на краиштата ги добивме и сметките за електрична енергија, па во прво лице се уверивме колкави се навистина новите цени.
Анализите со новите цени покажаа дека сите ние бевме излажани, како мали деца со едно обично усно соопштените. Подолу во коментарите е поместена табела со старите и новите цени на електричната енергија во разните тарифни групи, како и симулација со една модел-сметка.
На прв поглед, сé исгледа како што треба. Доколку едно семејство потрошило 14% од вкупната потрошувачка во групата ВТ1, 28% во ВТ2, 2% во ВТ3, 0% во ВТ4 и 56% во НТ, тогаш вкупното поскапување на електричната енергија, вклучувајќи ја варијабилната мрежарина и ДДВ од 18% изнесувало 0%, т.е. исто како и пред 1.1.2024 година.
Но, тука ја откриваме манипулацијата. Доколку на сметките ја додадеме фиксната мрежарина од 200 денари + 18% ДДВ, тога СМЕТКИТЕ СПОРЕД НОВИОТ МОДЕЛ СЕ ПОВИСОКИ ОТКОЛКУ СПОРЕД СТАРИОТ И ТОА ПРИ СИТЕ НИВОА НА ПОТРОШУВАЧКА!
Ова го следиме на првиот дијаграм, каде портокаловата линија ги прикажува износите на сметките после 1.1.2024 година (според новиот модел), а сината линија - до 31.12.2023 година (според стариот модел). Како што гледаме, независно од малите промени на цените во разните тарифни групи, ФИКСНАТА МРЕЖАРИНА ГИ ПРАВИ СМЕТКИТЕ ПОГОЛЕМИ при сите нивоа на потрошувачка!
Ова уште подобро се гледа на втората слика, каде е прикажана просечната цена, заедно со мрежарините и ДДВ, во ден/kWh при разни нивоа на потрошувачка. Јасно се гледа дека благодарение на новововедената фиксна мрежарина, просечната цена според новиот модел се зголемила, при што зголемувањето е најголемо кај најмалите сметки. Но, најново е што сметките се поголеми и при високи нивоа на потрошувачка, што не требаше да се случи доколку беа точни оние усни соопштенија од декември 2023 година.
Да заклучиме, 1,84 милиони жители од оваа земја бевме излажани кога ни кажаа дека со фиксниот дел од мрежарината ќе се плаќал пристап до мрежа, односно повеќе не можело големите потрошувачи да им плаќаат за пристап до мрежа на малите, кои пак добивале струја, а плаќале мали или никакви сметки.
Вистината е дека РКЕ на мала врата на ЕВН им овозможи нов извор на екстра профит, што претходно не постоел. Со други зборови, преку фиксната мрежарина е подмолно протнато ново поскапување за сите корисници, независно дали се мали или големи. Вистинските процентуални поскапувања на електричната енергија, пак, беа повисоки од оние дадени усно пред 31.12,2023 година. За нас единствено се меродавни официјално објавените цени на веб сајтот на РКЕ.
Ако кон ова се додаде и промената на политиката на РКЕ, според која приватната ЕВН отсега самата ќе ја пресметува цената, а државната РКЕ ќе ја одобрува, наместо да биде обратно. Произлегува дека РКЕ, за жал, работи во интерес на ЕВН, на која и овозможила милиони евра годишен екстра профит, а работи спротивно од интересите на граѓаните, иако во статутот пишува дека треба да се грижи за нивниот интерес.
Сé додека постои ова регулаторно дувло, потрошувачите не можат да се надеваат на некаква заштита на своите интереси. Зошто пак државата го толерира ваквото однесување - е сосема друго прашање. Во секој случај, системот е толку гнил, што повеќе не може да се поправи, туку мора целосно да се урне и да се гради од почеток.
================
На дијаграмите се прикажани цените со вклучена фиксна и варијабилна мрежарина, како и 18% ДДВ.
Објавено од АБ