2win800x200

Почина трактористот од Новаци по сообраќајката со камион што носеше јаглен за РЕК „Битола“, жителите денеска на протест

Мај 21, 2024

По два дена борба за живот, почина 71 годишниот тракторист Благој Талевски од пелагониското село Новаци, кој настрада во сообраќајката со камион што носеше јаглен за РЕК „Битола“.   Жителите на пелагониската општина Новаци за денес најавуваат протест на сообраќајницата што води низ селото до термоцентралата РЕК „Битола“ , односно на патот Битола-Маково, со  блокада за движење на камионите кои сообраќаат кон и од комбинатот.

Несреќата се случи на 17 мај во претпладневните часови, кога според кажувањата на жителите на Новаци, камион што носел јаглен за РЕК „Битола“  го зафатил трактористот со приклучната механизација и го фрлил од коловозот, по што земјоделската машина се превртувала неколку пати.

„ Ова се случи пред мои очи, камионот го престигнуваше тракторот и со задната страна со запна тракторот и го влечкаше единаесеттина метри. Се испреврте  тротоарот, а возачот на тракторот  остана под тракторот.“, раскажува Александар, очевидец на несреќата.  

Повредите за трактористот беа тешки, веднаш беше хоспитализиран во Битолската клиничка болница, но им подлегна на повредите.

Официјално полицијата извести дека сообраќајката се случила на 17 мај во 12.16 часот помеѓу товарно возило „волво“ со полуприколка со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(50) од Кавадарци и трактор со приклучна земјоделска работна машина со битолски регистарски ознаки, управуван од Б.Т.(71) од Новаци, битолско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот констатирани во Клиничка Болница Битола.

Жителите на Новаци, во континуитет се жалат на фреквенцијата на товарни возила низ селото откако јагленот за РЕК „Битола“ се носи со камиони. Револтирани се на брзото возење и непочитувањето на дозволената брзина на патот низ населеното место, особено што оваа сообраќајница минува низ селото Новаци, а на патот поминуваат и учениците од основното училиште.

„Камионите да не возат како да се на трки, деца има, постојана раздвиженост низ селото и дури возат да не дремат на телефони. Секој втор возач на камион вози ненормално брзо и истовремено гледа на телефон и затоа е вака.  Да му е страв на човек до продавница да оди.“, се жалат жители на Пелагонија.

За денес во 14 часот, граѓаните на општина Новаци, најавија блокада на патот Битола- Маково кај полициската станица со цел како што пишуваат: „да се покаже револтот на граѓаните на Општина Новаци за камионите кои се движат со неконтролираната брзина по регионалниот пат Битола-Маково, предводени од немилиот настан кој се случи на 17 мај.“

А. Блажевска

  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани