2win800x200

Нашата Белинда Сипкоска-Гаштарова е победник на поетскиот конкурс „Трка на поезијата“

Јуни 01, 2024

Белинда Сипкоска Гаштарова е победник на поетски конкурс „Првиот здив на целата“ во организација на Трка на поезијата од Струга. Гаштарова е одбрана едногласно од комисијата на поетскиот конкурс која што ја водеше Ивана Јакимовска.  

 

Белинда за АПЛА.мк раскажува:

Се воодушевувам на луѓето кои си поставуваат цели и не се откажуваат. Посебно на тркачите, оние кои и со поглед ги голтаат километрите. Оние на кои им е сеедно дали врни, дали печи силно сонце, дали дува ветер. Луѓето кои ништо не може да ги задржи, оние чија упорност нема граници. Оние кои со трчањето го обликуваат не само телото, туку и паметот, оние кои така стануваат поспремни и помотивирани да се соочат со разни животни предизвици. На луѓето кои го победуваат последниот километар и покрај болките во мускулите и покрај испуканата кожа и покрај срцебиењето и тешкото земање воздух. Јас имав несреќа да доживеам тешка повреда на коленото на скијање пред повеќе години и не можам да трчам. Но јас одам. 5,6, 10 км секој ден. Не се откажувам. За сите ко мене, за тој прв здив што се зема кога се прави последниот чекор на целта, за таа исполнетост, среќа, моќ, еуфорија, победа над нешто што сме го сметале за невозможно, за целосната контрола врз себе, за чувството кое нема цена кога се победуваш самиот себе си ја посветувам оваа моја песна. Благодарност до организаторите на Трка на поезијата од Струга кои освен што секој мај ја организираат Градската трка на 5 и 10 км организираат и конкурс на теми поврзани со трчањето и кои ја препознаа мојата песна како најдобра.

 

Уживајте во прекрасните стихови...
 
Трка?
Не. Повеќе од тоа.
Тоа е до целта километарско танцување,
тоа е искуство, патување,
тоа е упорност и храброст,
тоа е тестирање на границите на човечката издржливост.
Тоа е соочување со предизвик,
тоа е можност за себеспознавање,
тоа е доказ дека нема предавање,
тоа е освојување на нешто неможно
оти, ништо не е невозможно.
Тоа е телесна болка што ослободува,
тоа е повеќекратно умирање и оживување
тоа е желба за себенадминување.
Тоа е монотона километарска борба со самиот себе,
игра на бесконечност,
тоа се потечени зглобови, испукана кожа,
болки во коленото, мачнина, жед,
тоа се стапала над земјата до недоглед.
Тоа се илјада причини да се откажеш
и една единствена да останеш
за првиот длабок здив после последниот чекор на целта
кога недостижното ќе го достигнеш.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани