АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Самостојната изложба на фотографии “Фрагмент од Битола“ на Вера Христовска, ќе биде поставена среда (21.8.2024) во Порта Џез од 20ч.
Изложените фотографии ќе бидат мотиви од секојдневниот живот во градот, мало патување низ Битола, како и дел од нејзиното културно наследство. Изложбата е поддржана од Општина Битола, во склоп на Битфест и ќе биде поставена 7-10 дена за посетување. Вера, како самостоен уметник (freelancer) води свое студио “Умка студио“, а работи во повеќе области од уметноста како фотографија, графички дизајн, колажи, видео. Доживувајќи го животот низ различни перспективи и држејќи чекор со современата уметност, таа наоѓа нови начини да се изразува себеси уметнички. Христовска имала самостојни изложби во Македонија и учествувала на повеќе групни изложби низ европските земји. Нејзините дела се објавени во странски културни списанија и на веб-страници.
Од 2010 година, Вера работи како фотограф на ИФФК Браќа Манаки, дел како официјален фотограф на филмскиот фестивал и дел како соработник за странска агенција. Дипломирала графички дизајн и мултимедија на Универзитетот Св.Климент Охридски, Графички факултет, во Македонија и студирала една година во странство на Универзитетот во Загреб, Факултетот за графички уметности, Хрватска. Христовска, има добиено повеќе награди за своите фотографии, меѓу кои и прва награда на интернационалниот фестивал за современа фотографија Rovinj Photodays Festival, (Хрватска), во категорија архитектура, жириран од Дејвид Бејт, професор-фотограф на Универзитетот во Вестминстер, Лондон, Велика Британија. Изложбата од овој фестивал беше поставена и во Загреб, во Музејот за уметности и занаети, каде истата е архивирана. Во 2016 година, ја објави својата прва боенка “Македонски орнаменти“ за етно културата, како учесник на Скопје Креатива Фестивалот, а во 2017 година го објави буклетот “Разгледници од Македонија“, како учесник на Скопје Креатива Фестивалот.